НАВРЕМЕНОТО ОТКРИВАЊЕ НА РАКОТ НА ДОЈКА СПАСУВА ЖИВОТИ, РЕКОА АКТИВИСТИТЕ НА РОЗОВАТА ПРОШЕТКА

    НАВРЕМЕНОТО ОТКРИВАЊЕ НА РАКОТ НА ДОЈКА СПАСУВА ЖИВОТИ, РЕКОА АКТИВИСТИТЕ НА РОЗОВАТА ПРОШЕТКАНа иницијатива на здружението „Борка“ обезбедени се градници за оперираните жени, а од следната година на товар на Фондот ќе биде и ракавицата за лимфедема, како и ослободување од партиципација за сите пациенти со малигни болести. (Фото: К. Попов)

    Ракот на дојка не е крај, знаете дека не сте сами, кажа претседателката на здружението „Борка“ Биба Додева, на 11. Розовата прошетка – Напред розово за подигање на јавната свест дека навременото откривање на болеста е важно за излекување.  Таа рече дека годишно се откриваат околу 1.200 нови случаи, а стапката на смртност е над 400.

    „Најдобар рак е оној што нема да го добиеш. Здравјето е инвестиција во својата иднина. Нема здрава нација, ако нема функционално општество”, рече Додева и се заблагодари на здравствените власти, за кои рече дека конечно излегле од комфорната зона и дека се подобрува третманот на болните што се борат со рак на дојка.

    Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, чија амбасада традиционално ја поддржува оваа хуманитарна акција, рече дека ова е одлична можност да се подигне свеста дека ракот на дојка е излечив и дека е важна поддршката од семејството и заедницата.

    „Чест е да бидеме партнери на овој настан, да се подигне свеста за ракот на дојка и за нивните семејства. Во тек на октомври во светот се организираат настани за собирање средства за борбата со ракот на дојка. Досега се собрани над два милиони долари за истражувања и поддршка на луѓето. Периодот на петгодишно преживување во САД е зголемен како резултат на овие хуманитарни настани. Моето семјество беше погодено од рак на дојка, и секој се соочува преку нивните пријатели, колеги или заедницата”, рече Брнз.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека обезбедиле прволиниска терапија за сите жени што се лекуваат, како и второлиниска за 15, и градник за оние кои се оперирани.

    „За следната година на товар на Фондот ќе обезбедиме и нараквица за лимфедема, како и ослободување од партиципација за сите пациенти со малигни болести“, рече Филипче.

    Тој рече дека во тек е набавка на осум нови мамографи и дека ги поправиле постоечките, поради што имало одредени застои во дијагностиката.

    „Секако, и со ‘Борка’ го почнуваме караванот за подигање на свеста“, рече Филипче.

    Сопругата на претседателот Елизабета Ѓорѓиевска-Пендаровска кажа дека е многу важно оние што се соочуваат со болеста да побараат помош, да зборуваат, да се спречи стравот и да знаат дека таа е излечива.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира