Опозициските партии Самоопределување и Демократска лига на Косово би можеле да освојат по 30% гласови на денешните парламентарни избори на Косово, покажуваат излезните анкети, додека избирачите во исто време го казнија досегашниот премиер Рамуш Харадинај.
Четвртите избори од прогласувањето на независноста во 2008 година беа свикани откако Харадинај поднесе оставка бидејќи беше повикан во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг за да се испита неговата улога во војната во 1998-99 година. Кој и да победи на изборите ќе мора да работи на подобрувањето на односите со Србија, доколку Приштина сака да обезбеди место во Обединети нации.
Демократската партија на Косово, која беше најзастапена во досегашната владејачка коалиција од три партии, освои 22% гласови, покажуваат излезните анкети, додека листата на Харадинај доби само 10%.
Постои можност Косово за првпат да добие и премиерка, имајќи предвид дека лидер на Демократската лига на Косово е 37-годишната Вјоса Османи.