Поранешната Специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор, вчера добила силна тахикардија и затворската управа проценила дека таа денеска треба да биде прегледана кардиолошки, услуга што ја нема во затворот во Шутка.
Според извори блиски до Јанева, таа и претходно имала проблеми со срцето и оваа состојба не е нешто невообичаено за неа. Оставено било нејзините деца да најдат специјалист и клиника за соодветниот преглед и терапија што треба да ја прима во Шутка, а тие ја избрале клиниката „Жан Митрев“.
Денеска обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска го пишува обвинението за првиот дел од рекетот врз Орце Камчев, каде што Јанева е третосоомничена, а прво и второосомничени се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.
Неофицијално, Јанева ѝ спомнала на Русковска дека сака да се спогоди со признавање на вината, но, како што кажа синоќа Русковска, „предлогот за спогодба со некој од осомничените е слушнат, но не е одлучено по него“.
С. К. ДЕЛЕВСКА