Зад карпата за планинарање на кејот на реката Вардар во Скопје, Општина Карпош почна со изградба на спортско–адреналинскиот парк. Паркот ќе зафаќа површина од 10.000 метри квадратни. Ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 метри квадратни, 120 нови дрвја, како и детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк, адреналински содржини, а оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 метри квадратни.
„Оваа зелена, спортско-рекреативна зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец. По завршувањето на спортско-адреналинскиот парк, се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на реката Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег, конечното решавање на деценискиот проблем со создавање на диви депонии и палење огнови на отворено“, вели градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Средствата за изградба на паркот се ебезбедени преку грант од Европската унија во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност. Грантот е околу 620.000 евра, а од буџетот на Општината за реализација на проектот се одвоени околу 80.000 евра
Паркот ќе биде готов до јуни вгодина, кажа Богоев.
А. АНТЕВСКА