Сириската војска почна да пристигнува на северот на земјата, неколку часа откако владата се согласи да им помогне на Курдите да ја запрат турската офанзива.
Државните медиуми објавија дека владини сили влегле во стратешкиот град Тал Тамер, 30 километри јужно од границата со Турција. Тие влегоа во оваа област првпат од 2012 година, кога се повлекоа за да се борат против бунтовниците на други места, препуштајќи им ја контролата на курдските милиции.
Курдите го направија договорот со Дамаск откако САД објавија дека ќе ги повлечат сите преостанати војници од Сирија, опишувајќи ја тамошната ситуација како хаотична и многу опасна. Областите под контрола на Сириските демократски сили викендов беа жестоко бомбардирани од турските сили, кои ги окружија пограничните градови Рас ал-Аин и Тал Абјад.
Според курдската администрација во северна Сирија, договорот со Дамаск ќе ѝ овозможи на сириската војска да се распореди долж граничните области контролирани од курдските сили. Тие притоа се согласија да ја предадат контролата врз градовите Кобане и Манбиџ.
Турскиот претседател Ердоган денеска изјави дека „без разлика на заканите ќе продолжи со офанзивата до ултимативна победа“. Турција сака да создаде сигурна зона во пограничната област и таму да пресели два милиона сириски бегалци кои сега се на нејзина територија.