ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АСИМ МУСА ДАДЕ ОСТАВКА ПО СНИМКАТА ЗА НАВОДНО ЗЕМАЊЕ МИТО

    ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АСИМ МУСА ДАДЕ ОСТАВКА ПО СНИМКАТА ЗА НАВОДНО ЗЕМАЊЕ МИТО„Ги информирам граѓаните дека станува збор за странски државјанин, кој нема здравствено осигурување и дека за тоа приватно се плаќа. Му кажувам колку чини услугата. Повеќе од јасно е дека ова е стапица за медиумски спектакл за да ми се наруши угледот и да ми го дискредитираат семејството“, рече Муса во изјавата во во Влада со која ја даде оставката. (Фото: СДК.МК)

    Заменик-министерот за здравство Асим Муса соопшти дека донел одлука да се повлече од функцијата, откако вчера албанската телевизија „Топ Ченел“ објави снимка во која се тврди дека тој бара мито за да направи операција на пациент од Албанија во земјава. Во прилогот се трври дека истражувањето кое траело три месеци ги открива договарањата што ги прави заменик-министерот во болничките простории на струшката болница.

    „Имав чест како заменик-министер за здравство да им служам на граѓаните и нема да дозволам да бидам дел од оваа медиумска бомба“, рече Муса кој е заменик-министер 18 месеци, а пред тоа три години беше директор на Општата болница во Струга и на болницата за нефрологија.

    Тој на прес-конференцијата во Владата рече дека над дваесет и три години е во служба на граѓаните и општеството и дека никогаш не се поштедил ниту себе нуту семејството и дека ова е обид преку медиумска пропаганда да му се наруши угледот.

    „Ги информирам граѓаните дека станува збор за странски државјанин, кој нема здравствено осигурување и дека за тоа приватно се плаќа. Му кажувам колку чини услугата. Повеќе од јасно е дека ова е стапица за медиумски спектакл за да ми се наруши угледот и да ми го дискредитираат семејството. Убеден сум дека на посветеноста и скромноста со која работам нема да влијае она што синоќа како медиумска бомба и пропаганда се обидоа да ми го нарушат угледот”, рече Муса.

    Тој откако ја даде својата изјава, одби да идговора на новинарски прашања. На реакција од медиумите зошто бега и дали зел мито, рече дека сè јасно се гледа на видеото.

    Кусо по оставката, Струшкото обвинителство соопшти дека ќе ги истражува наводите за мито на заменик-министерот Муса.

    По оставката на Муса, одговарајќи на новинарско прашање како ќе го коментира овој случај министерот за здравство Венко Филипче рече дека треба да имаме неселективен пристап, без оглед на функциите.

    „Институциите треба да преземат активности ако мислат дека има простор за тоа. Слушнавме дека заменик-министерот ја презел одговорноста и поднел оставка“, рече Филипче.

    На прашањето како тоа ќе се одрази врз здравствениот систем и довербата во лекарите, со оглед на тоа дека заменик-министерот Муса е и лекар во исто време, министерот рече дека ги осудува сите такви случки.

    „Не е начин така да се функционира во кој било систем, па и во нашиот здравствен систем. Впрочем, секаде има санкции за такви случки. Се обидуваме со сите наши мерки да ги стимулираме лекарите со зголемување на платите и дежурствата, но зголемуваме платите на лекарите со зголемување на платите дежурствата и ќе продолжиме во иднина. Но, секоја институција има ингеренции во рамки на која функционира и треба да си преземат се што е во нивна ингеренција“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира