ТЕСТИРАН НАЈДОЛГИОТ НЕПРЕКИНАТ ПАТНИЧКИ ЛЕТ НА СВЕТОТ

    ТЕСТИРАН НАЈДОЛГИОТ НЕПРЕКИНАТ ПАТНИЧКИ ЛЕТ НА СВЕТОТ„Боинг 787-9“ со 49 луѓе пристигна во Сиднеј по 19 часови и 16 минути (Фото: АФП)

    Австралискиот авиопревозник „Квантас“ го комплетираше најдолгиот непрекинат комерцијален патнички лет на светот, како дел од истражувањето какво влијание ќе има вакво патување врз пилотите, екипажот и патниците.

    „Боинг 787-9“ со 49 луѓе леташе 19 часови и 16 минути од Њујорк до Сиднеј, поминувајќи пат од 16.200 километри. Следниот месец компанијата планира да спроведе пробен лет од Лондон до Сиднеј и до крајот на годината ќе одлучи дали да почне со вакви редовни линии. Тие би се нашле во понуда најрано во 2022 година.

    Според „Ројтерс“, ниту еден комерцијален авион нема капацитет за вакви ултрадолги летови полни со патници и товар. За да избегне долевање гориво, авионот на „Квантас“ полетал со целосно полн резервоар, без товар и со ограничен багаж.

    По полетувањето, патниците си ги наместиле часовниците по сиднејско време и биле одржувани будни додека не паднала ноќ во источна Австралија, со цел да се намали џетлегот. Шест часа подоцна, тие добиле оброк со високо ниво јаглехидрати, а светлата биле затемнети за да можат да заспијат. За време на летот биле следени мозочните бранови на пилотите, нивото на мелатонин и будноста, а патниците биле испитувани како ги поднесуваат промените на временските зони.

    Моментално, најдолгиот лет на светот е оној од Сингапур до Њујорк и трае 18 часови и 25 минути.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира