ПРЕДЛОЖИВ ИЗБОРИТЕ ДА БИДАТ ВО ДЕКЕМВРИ, НО ВМРО-ДПМНЕ САКАШЕ ТЕХНИЧКА ВЛАДА 100 ДЕНА ПРЕД ИЗБОРИ, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    ПРЕДЛОЖИВ ИЗБОРИТЕ ДА БИДАТ ВО ДЕКЕМВРИ, НО ВМРО-ДПМНЕ САКАШЕ ТЕХНИЧКА ВЛАДА 100 ДЕНА ПРЕД ИЗБОРИ, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБАЗаев ќе поднесе оставка на 3 јануари кога ќе биде формирана техничка влада, но не кажа кој ќе биде технички премиер по предлог на СДСМ. - Од лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев на лидерската средба предложил предвремените избори да бидат на 22 или на 29 декември. Како што изјави Заев по завршување на средбата во претседателската вила Водно, опозицијата овој предлог го одбила бидејќи немало услови за 100 дена техничка влада.

    „Наш предлог беше изборите да се одржат брзо, во период кога ништо не се случува и кога се очекува Шпанија да го ратификува Протоколот за членство во НАТО и потоа се конституиран парламент и кај нас да биде ратификувано членството. Поради реакцијата на опозицијата да има 100 дена техничка влада пред избори ги разгледувавме 22 и 29 март и 12 и 19 април. Одлучивме изборите да бидат на 12 април. Верувам дека граѓаните мудро ќе одлучат“ рече Заев.

    Заев ќе поднесе оставка на 3 јануари кога ќе биде формирана техничка влада. Кој ќе биде негов наследник како премиер во техничката влада по предлог на СДСМ, Заев не кажа, рече тоа дополнително ќе се договара во наредниот период.

    Во однос на тоа дали ќе се одржи попис пред изборите Заев рече тоа ќе се случи доколку постојат услови тој да се изведе. Но, ако Државниот завод за статистика не може да се подготви тогаш тој ќе се одржи после изборите.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека 12 април ќе дојде до промена на власта и дека сѐ уште е рано да се зборува за имињата кои тие ќе ги понудат за министри во техничката влада.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира