Без воопшто да го извести судот, скопската обвинителката Имран Османи едноставно не се појави на денешното прво рочиште по приватна тужба од поп Виктор Стојчев натепан од Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски-Боки 13.
Миле Јовановски и Виктор Стојчев се соседи. Јовановски е обвинет дека физички го нападнал Стојчев и тешко го повредил. Сведок на настанот бил и Боки 13, кој денес заради економичност на постапката не беше спроведен од затворот во Шутка каде што е во притвор како обвинет во „Рекет“. Но, тој ќе сведочи понатаму.
Надвор од судницата, Јовановски на новинарско прашање дали навистина го истепал соседот, одговори:
„Јас, Силвестер Сталоне ли сум да го истепам за една минута?“.
Очевидец на нападот, како што кажа Стојчев, е и неговата сопруга. И таа ќе сведочи кога ќе почне овој судски процес.
Адвокатката на Јовановски ѝ се пожали на судијката Александра Ристеска дека и таа ја барала обвинителката да ѝ дозволи увид во доказите, што е законско право на обвинетите, и оти не може никако да ја најде, па така за денешното судско рочиште дошла со празни раце.
Судењето се одложи за 12 ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА