Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, на почетокот на денешното судење каде со уште двајца од УБК е обвинет за проневера на 820 илјади евра државни пари, рече дека неправедно обвинет и оти ќе докаже оправданост на потрошените пари.
Овој предмет го застапува обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за организиран криминал и корупција и ако се докаже вина, Јакимовски и уште двајца обвинети од УБК, покрај казната за злоупотреба на службената положба и овластувањата, ќе мора на МВР да му вратат 820 илјади евра.
„За тие 10 години УБК имала доволно оперативни активности и оваа за која сме обвинети, е смешна сума за тие потреби. Контрадикторна е постапката и ние ќе го докажеме тоа“, рече на почетокот првообвинетиот Јакимовски.
Тој поради ова обвинение е во притвор во затворот во Шутка. Обвинет е и за масовното нелегално прислушување во „Тврдина-Таргет“ и во „Трезор“, за нелегалната набавка на британската прислушна опрема.
Пред да почне ова судење, Петре Пешовски, вработен во УБК, призна вина за злоупотреба на касата во тајната полиција. Рече: „Виновен сум, така ми беше наложено“.
Во предметот „Спец-каса на УБК“ обвинети се и Стево Маџовски и колешката Кристина Јосифовска.
Според обвинението, во периодот од 2007 до 2017 година, 172 пати, за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од одделот за финансии при МВР подигнале парични средства за кои поднесувале барања и признаници за износите.
Без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата Сашо Мијалков, без да биде формирана комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата. Со ваквите дејствија го оштетиле државниот буџет за скоро милион евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА