Триесет и девет луѓе кои вчера се пронајдени мртви во камион во Англија биле Кинези, се дознава од истрагата.
Полицијата продолжува да го испитува 25-годишниот возач Мо Робинсон од Северна Ирска, кој е осомничен за убиство, а биле пребарани и две куќи со цел да се идентификува „организирана криминална група која е вмешана во трговија со луѓе“.
Контејнерот во кој биле починатите бил довезен во Парфлит со траект преку реката Темза од белгискиот град Цебруге, по што по него дошол камион од Северна Ирска. Бугарските власти потврдија дека камионот бил регистриран во Варна на име на компанија чиј сопственик е ирски државјанин.
Белгија исто така отвори истрага, но не може да потврди кога жртвите биле сместени во контејнерот и дали тоа се случило на нејзина територија. Медиумите шпекулираат дека мигрантите можеби се смрзнале во контејнерот-ладилник, во кој температурата треба да биде -25 Целзиусови степени.
Голем број мигранти се обидуваат да стигнат до Велика Британија преку северна Белгија, откако француските власти ги засилија контролите во Кале.