Во Битола лани се лекувале 1.600 пациентки од рак на дојка, болеста сè уште е табу тема, а голем дел од жените избегнуваат да прават прегледи на гради стравувајќи од лоша дијагноза. Состојбата со свесноста тешко се менува, иако здравствените работници апелираат за редовни самопрегледи и скрининг, се дел од заклучоците на трибината „Грижа за себе – образование и превенција од рак на дојка“ што се одржа во Битола, а на која покрај другите зборуваа и здравствени работници и поранешни пациенти.
„Во 2008 кога се оперирав имаше податок дека во Битола има 2.000 пациентки со рак на дојка, а најмладата само што излегла од пубертет. Учествував и во театарски претстави за јавно да зборувам за проблемот. По претставата ќе ми се обратеше некоја жена со шепотење: ‘И јас како вас сум оперирана’, а кога ќе ја поканев да дојде во здружението, ќе си заминеше. Друга жена ми вели: ‘Добив термин за скрининг, ама не одам, што ако ми кажат нешто лошо?’ За жал и во 21. век оваа болест е баук“, рече Катерина Петровска која се излекувала пред повеќе години.
Податокот дека лани имало 1.600 пациенти го кажа градоначалникот Тони Коњановски, посочувајќи дека е од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), каде и тој долги години работеше како лекар.
„Од 1.600 лица, 550 биле во старосната група од 65 до 75 која е најзасегната, другите 500 од 45 до 55 години, а остранатите се над и под таа возраст. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), смртноста се зголемува, па во 2023 имаше 356 смртни случаи, што значи скоро секој ден имаме по едно починато лице од оваа болест. Потребно е да се подигне свеста за самопреглед, да се тргне стигмата или ставот дека тоа е нешто страшно, подобро е да се превенира зашто раната детекција ги зголемува можностите за живот“, рече Коњановски кој е кажа дека пред дваесетина години и членка на неговото семејство успеал да се избори со оваа болест.
Претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска, која исто така е здравствен работник, рече дека мора да се обезбедат повеќе тремини за прегледи на дојки во здравствените установи.
„За жал, имаме проблем во системот кој се провлекува со години наназад, а тоа се термините кои може една жена да ги најде за да обезбеди скрининг, основен преглед и за да дојде до доктор. Но, и она што треба да го направи секоја жена е да се одлучи да направи преглед. Ме радува што на трибината има млади лица кои се надевам по враќањето дома на мајките ќе им го постават прашањето: ‘Дали имаш направено преглед?’’‘, рече Илиевска.
На трибината за превенцијата и навремената детекција зборуваа и лекари-специјалисти.
„Минатата година најмладата пациентка во Македонија имаше 27 години, а на светско ниво само 2 години. Како фактори се споменуваат полот, возраста, генетската предиспозиција. Пациентките кои многу порано добиле менструален циклус или пред 12 години, имаат зголемена можност за добивање карцином на дојка и пациентките кои покасно влегуваат во менопауза. Така е зашто една од причините за настанување на карциномот е изложеноста на хормоните. 80 проценти од карциномите се естроген и прогестерон зависни. Пациентките кои воопшто не раѓале имаат зголемена можност, како и оние кои не доеле“, рече д-р Михајло Вангелов, специјалист-гинеколог.
Докторката Весна Шиколовска, специјалист-радиолог, зборуваше дека врз појавата на ракот влијаат и пушењето и алкохолот, па ги замоли младите да ги остават цигарите.
„Во Битолската болница имаме Кабинет за дојка и закажувањето оди преку матичен лекар. Има многу пациенти, работиме нон-стоп секој ден од понеделник до петок, недостигаат термини, а тоа е е проблем по сите болници. Има и бесплатен скрининг, кој многу помага и жените над 40 години имаа можност преку матичниот да добијат телефонски број и да закажат бесплатен скрининг во Битола на дигитален мамограф. Превенцијата е кога ќе немаш ништо, да дојдеш“, рече Шикловска.
Организатори на трибината беа Општина Битола, Комисијата за еднакви можности, Здружението „Сумнал“ и Мрежата за младинско зајакнување и здравје.
Ж. ЗДРАВКОВСКА