10 МИЛИОНИ ЕВРА ФРЛЕНИ ВО ВОДА, А ТЕТОВЦИ ЕДИНАЕСЕТ ГОДИНИ ЧЕКААТ ВОДОВОД

a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

10 МИЛИОНИ ЕВРА ФРЛЕНИ ВО ВОДА, А ТЕТОВЦИ ЕДИНАЕСЕТ ГОДИНИ ЧЕКААТ ВОДОВОД

Проблемот со водата за пиење во Тетово е децениски. Иако градот се наоѓа под Шар Планина, една од најбогатите планини со вода, сувите чешми и повеќечасовните рестрикции се секојдневие на Тетовци во поголемиот дел од годината. Досега нема направено стручна анализа зошто во градот се јавува недостаток од вода за пиење, но оние кои се подобро упатени во оваа проблематика како главни проблеми ги наведуваат следниве: брзото и непланско ширење на градот, старата и дотраена водоводна мрежа, а дивите приклучоци и нерационалното трошење на водата само дополнително ја влошуваат состојбата.

Kaprazata na rekata Pena 02

Каптажата беше готова во 2013 година, но излезе дека цевките што веќе биле монтирани не одговарале на бараните спецификации, па по целата водоводна линија од каптажата до резерварите во градот, во должина од 8 километри мораа да се се вадат и да се поставуваат нови (Фото: З.Андонов)

Со дотокот на вода за пиење во Тетово е сврзан и еден невообичаен феномен. Водата во извориштата кои го снабдуваат градот доаѓа од топењето на снеговите на Шара. Штедроста на изворите почнува да се зголемува кој крајот на април, а при што во јуни и јули достигнува и до 550 литри вода во секунда што е сосема доволно за задоволување на потребите на жителите на градот. Од средината на август количеството на вода почнува постепено да се  намалува. Најкритичен период е во зимските месеци кога дотокот на вода паѓа на 200 до 250 литри во секунда поради што во градот се воведуваат повеќечасовни рестрикции.

Ова пак наметна да се бараат нови извори на вода за пиење за да се задоволат потребите на градот. Така пред единаесет години започна изградбата на новиот водовод со кој се зафатија водите од горното течение на реката Пена, со што се планираше градот да добие дополнителни 250 литри вода во секунда и тоа во најкритичниот период од годината.

Изградбата на овој водовод го следеа многу контрoверзи. Се земаа кредити, средства даваше и државата, општината се задолжуваше и продаваше свој имот, но градбата на водоводот никако не се завршуваше. На седници на Советот на општина Тетово во изминативе години повеќе пати беше побарано да се каже колку пари досега се потрошени за изградбата на водоводот, но таква информација се уште нема. Неофицијално, проценките изнесуваат над 10 милиони евра.

Изградбата на водоводот беше и едно од главните предизборни ветувања на секој кандидат за градоначалник на Тетово. Во времето на минатиот градоначалник на Тетово, Сади Беџети, конечно се направи каптажата на горното течение на реката Пена и поголем дел од цевководот. Иако тој најавуваше дека водоводот конечно ќе биде готов есента 2013 година, тоа не се случи.

Актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, исто така, како нејзино предизборно ветување, се зафати со неговата доизградба. Но, произлезе дека цевките што веќе биле монтирани не одговарале на бараните спецификации, па по целата водоводна линија од каптажата до резерварите во градот, во должина од 8 километри мораа да се се вадат и да се поставуваат нови. Интересно е тоа што и сега водоводот го гради иста фирма која го градеше и во времето на градоначалникот Сади Беџети кога биле поставени несоодветните цевки.

Ваквите дополнителни градежни работи значеа нови задолжувања кај банките, нови дотации од државата, но и нова цена на водата за пиење која граѓаните на Тетово сега ја плаќаат 50 проценти поскапо. Кога, по неколку пролонгирања, цевководот конечно беше завршен, Тетовци се уште не можат да ги користат дополнителните количини бидејќи сега мора да се изгради и пречистителна станица за вода. Засега е ставен само камен темелник и е неизвесно кога ќе заврши нејзината изградба.

И како да нема доволно проблеми со водата за пиење, па деновиве се наметна уште еден. Во три наврати во текот на овој месец  дојде до заматување на водата за пиење во градскиот водовод. Заматувањето настанало поради нестручни градежни работи кои се изведуваат на Попова Шапка во близина на еден од изворите од каде градот се снабдува со вода за пиење. Од Центарот препорачуваат дека иако физичко – хемиските анализи на водата се исправни, додека не се добијат бактериолошките анализи, водата за пиење превентивно да се преврива пред употреба.

Од Центарот за јавно здравје на Тетово велат дека, според направените анализи, водата што Тетовци ја пијат е една од најквалитетните во Македонија, но што вреди тоа кога ја нема доволно и кога некој веќе единаесет години ја мати.

Зоран Андонов

 

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари