На 100 домаќинства бесплатно ќе им се чистат оџаците во домовите од кандидатите за оџачари на обуката што ја спроведува Град Скопје.
Граѓаните кои сакаат да им бидат исчистени оџаците треба да се пријават на телефонскиот број 3297-255. Пријавувањето е секој работен ден од 9 до 16 часот.
„Чистењето на оџаците е дел од практичната настава на кандидатите кои во средното училиште ‘Здравко Цветковски‘ ја посетуваат обуката. Предвидено е да се исчистат оџаци на првите 100 граѓани кои ќе се пријават. Од есен откако ќе заврши обуката Град Скопје ќе им додели основни материјали за отворање сопствен бизнис, а чистењето ќе биде субвенционирано, со цел што повеќе домаќинства да ангажираат лиценцирани оџачари за чистење на нивните оџаци, што ќе доведе до намалување на загадувањето“, велат од Град Скопје.
На огласот на Град Скопје за обука на оџачари се пријавија 10 кандидати иако се бараат 25. Тие веќе еден месец следат теоретската настава. Часовите на кандидатите за оџачари ги држат две професорки од средното училиште „Здравко Цветковски“, Лида Трајковска градежен инженер и Јасмина Атанасова Симјаноска, која е првата жена кај нас која има диплома за оџачарка добиена во Загреб.
А. АНТЕВСКА