117 ГОДИНИ Е ТАЈНА КАДЕ Е ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЧКО ЗНАМЕ ШТО ГО ВЕЗЕЛЕ БИТОЛСКИТЕ УЧИТЕЛКИ

    117 ГОДИНИ Е ТАЈНА КАДЕ Е ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЧКО ЗНАМЕ ШТО ГО ВЕЗЕЛЕ БИТОЛСКИТЕ УЧИТЕЛКИ„Додека везвеме сите тивко пеевме од срце, а понекогаш плачевме, но не од мака, но од блажен восхит“, вели во сеќавањето познатата битолска учителка Фотинка Петрова-Тичето која заедно со биле и Аспасија Димева-Јакимова, Анета Спирова-Олчева и Василка Стефанова-Христова го везеле знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кого го сочинувале Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов, а на кого му биле пренесени сите овластувања за Илинденското востание; - Битолските учителки / Споменикот на Даме Груев во Смилево. (Фото: архивска фотографија)

    И по 117 години од Илинденското востание, сѐ уште не се знае каде се крие знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кого го сочинувале Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов, а на кого му биле пренесени сите овластувања за Илинденското востание. Дел од македонските историчари претпоставуваат дека знамето љубоморно се чува во некое депо во Софија, Бугарија.

    Според истражувањето на битолскиот историчар Никола Миновски објавено во публикацијата „Илинденски факел“, знамето во Софија го однел Борис Сарафов кој во 1903 го напуштил окрвавеното боиште во Смилево и заминал преку Битолско и Леринско за Бугарија, а со себе го однел и знамето. Го развиорил на софиската железничка, а потоа се изгубил трагот.

    И по толку време, досега не било изложувано како експонат во ниедна музејска збирка. Има верзии дека можно е експонатот да завршил во некои приватни колекции во Бугарија, како и такви дека востаничкото знаме стигнало дури во италијанските историски депоа. Знамето, за жал, ја доживеало судбината на многу вредни македонски експонати изнесени надвор од границата на државата на кои со векови не може да им се фати трагот .

    „Додека везвеме сите тивко пеевме од срце, а понекогаш плачевме, но не од мака, но од блажен восхит“. Ова е само извадок од зачуваното сеќавање на познатата битолска учителка Фотинка Петрова-Тичето за кое во публикацијата пишува историчарот Миновски. Освен неа везилки биле и Аспасија Димева-Јакимова, Анета Спирова-Олчева и Василка Стефанова-Христова. Ова знаме се смета за значајно зашто го веел Главниот Штаб составен од Даме Груев, Анастас Лозначев и Борис Сарафов, а било и најголемо по димензии. Освен него, битолските учителски изработиле уште осум други револуционерни знаимња.

    Според сеќавањето, темно-црвеното платно и копринените конци ги купиле со средства од скромните учителски плати. Еден наполен за да се набават потребните материјали дал и демирхисарскиот војвода Јордан Пиперката. Везилките везеле деноноќно во зависност од слободните часови во куќа на извесен Нуне П. Димитров, која постоела во близина на денешната Митрополија.

    Историските факти укажуваат на тоа дека планот за изгледот на знамето учителките го добиле токму од Груев. Но, нацртот бил изработен од матурантите на Битолската гимназија, ученици со ликовен талент, Арсениј Јовков и Драган Зографов.

    „Иако знамето на Битолскиот револуционерен округ денес го немаме, според сеќавањата на учителката Тичето дознаваме дека на едната страна на горниот раб со големи букви стоело ‘слобода’, во средината малку подолу во прва линија ‘смрт“. Од другата страна пишувало со големи букви ‘храброст народе, бог е со нас!’ Во средината бил извезен знакот на христијанската вера – крстот“, пишува Миновски.

    Зборовите биле извезени со срма и коприна врз темно-црвената свила на знамето. Но, изработката воопшто не била едноставна, туку доста комплицирана зашто во секоја буква било преплетено името Втори Македонскo-Одрински револуционерен округ Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Демир Хисар, Лерин, Костур.

    Знемето било осветено на први август пред да започнат битките во една ливада над село Смилево. Тоа се веело за време на востанието во Смилево кое се дигнало на втори август 1903 година, а било задушено на 27 август. Според истражувањето објавено во „Илинденски факел“, Сарафов заминувајќи самоволно го зел со себе востаничкото знаме. Понатаму пишува дека незадоволни од грабнувањето на знамето биле и другите двајца челнови на Главниот штаб, Груев и Лозанчев, кои по писмен пат побарале Сарафов да го врати знамето во Македонија, зашто на него не му било местото во Софија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира