Дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски од Охрид денеска го преплива Охридското Езеро иако има некроза на ногата. Од Свети Наум тргна во 9,30 часот, а во Охрид на Градското пристаниште пристигна околу 18 часот со испливани 25 километри. На брегот имаше околу илјади охриѓани кои го чекаа малиот херој.
Марко кај пристаништето пристигна свеж и веднаш падна во прегратка на татко му. Во негова близина беа претставници на Црвен крст кои го следеа Марко на оваа негова голема одисеја.
„Бев уверен дека ќе успеам. Го одбрав токму овој ден, Успение на Пресвета Богородица. Кога стигнав на градското пристаниште знаев дека ја остварив мојата голема желба”, кажа Марко кога стапна брегот.
И познати лекари се воодушевени од волјата на 12-годишникот со таква здравствена дијагноза да го преплива Езерото.
„Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел на коската. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете. Знае како тоа да го синхорнизира. Јас немам видено таква волја. Ова што денес го направи е голем подвиг кој ќе се памети. Сакам да нагласам дека кога ќе заврши периодот на неговиот раст, со мала интервенција тој ќе биде целосно здраво дете”, вели познатиот уролог д-р Горан Балевски кој беше во екипата која го следеше подвигот на Марко.
„Во текот на пливањето Марко Пејчиновски немаше никакви здравствени кризи. Тоа е долга патека и можни се такви појави. Но сè помина во најдобар ред. Инаку, ова е трет подвиг кој е оставрен на Охридското Езеро. Најпрво тоа беше со Јане Петков од Бугарија кој пливаше врзан во вреќа, потоа со момче од Пирот, а сега еве и Марко направи вистинска сензација. Тоа го промовира Охрид во земјава и во светот”, кажа Сашо Точко, претседател на Црвен крст Охрид.
Мајката на Марко Виолета е медицинска сестра во Одделот за педијатрија при Општата болница во Охрид, а таткото има приватен бизнис.
Д. ЧУБРИЌ