120 ВРАБОТЕНИ ВО ВИНИЧКАТА ФАБРИКА „ВИНЕРБЕРГЕР“ СТАНAA АКЦИОНЕРИ СО ПО 20 АКЦИИ ПОДАРЕНИ ОД ФИРМАТА

    120 ВРАБОТЕНИ ВО ВИНИЧКАТА ФАБРИКА „ВИНЕРБЕРГЕР“ СТАНAA АКЦИОНЕРИ СО ПО 20 АКЦИИ ПОДАРЕНИ ОД ФИРМАТААкциите се трето наградување во последните месеци од 2022, по исплатениот максимален К-15 од 33.000 денари и исто толкава тринаесетта плата. (Фото: СДК.МК)

    На заедничката предновогдишна прослава, 120 вработени во фабриката „Винербергер“ од Виница со аплауз ја прифатиле понудата на менаџерскиот тим за подарок да добијат по 20 акции како почетно право што го нуди групацијата на оваа компанија за производство на тули, глинени ќерамиди, цевни системи и на бетонски блокови.  Директорот на компанијата за Македонија Владимир Златковски, вели дека формално-правно вработените треба само да дадат изјава дека ги добиваат акциите кои ќе бидат депонирани во интерниот фонд на компанијата, а ако заминат од неа поради пензионирање или од други причини, преку брокер ќе им бидат префрлени на нивно име и тие понатаму може да ги подаруваат на свој член од семејството или да ги продаваат.

    „Според планот и програмата за работа на компанијата, а имајќи ја предвид нејзината успешност на локално и меѓународно ниво, голема е веројатноста овие акции да се зголемат на 30 или 40 акции по вработен. Ова е е востановена програма за учество на вработените во профитот, а компанијата е свесна дека тие се основен акционерски и работен столб на истата, односно вработените се најклучниот фактор за нејзиниот успех,“ вели Златковски.

    Акциите се трето наградување што се случило во последните месеци од 2022, по веќе исплатениот максимален годишен регрес од 33.000 денари и исплатената тринаесетта плата исто така во износ од 33.000 денари. Просечната плата во оваа виничка фабрика е поголема од просекот во државата. Со овој редок, а можеби и единствен начин на наградување во Македонија компанијата, како што велат менаџерите, дава одличен пример кон основната девиза дека вредните вработени се претвораат во задоволни вработени, а успешната компанија уште поуспешна.

    „Грижата за вработените тука не престанува. Напротив, компанијата има и други приоритети, а еден од главните е подобрувањето на условите за работа и безбедноста на вработените. Мотото е ‘Работи безбедно и врати се во семејството безбедно’. За да се почитуваат правилата за безбедност редовно одржуваме практични обуки, како интерактивни игри поврзани со безбедноста на работното место“, вели Златковски.

    Тој очекува во новата година да се работи уште поуспешно, продуктивноста да биде на потребното ниво, а со ваквото наградување да бидат поголеми и заложбите на вработените за поголемо и поквалитетно производство. Затоа, како што вели Златковски, „Винербергер“ работи 365 дена во годината, што значи дека ќе се работи и за новогодишните денови, но по планот и програмата само одредени работни групи кои ќе бидат наградувани според сите законски прописи за работен ангажман во празнични денови. Групацијата „Винербергер АГ“, чии акции во моментот котираат на Виенската берза, има продукти производени во 220 фабрики во над триесет земји во светот кои вработуваат повеќе од 19.000 луѓе.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира