Во изминативе 24 часа во Тетово и околните места регистрирани се 15 случаи на заразени лица од КОВИД-19. Во 4 случаи се работи за лица кај кои и вториот тест им е позитивен, а 11 се новозаболени и ова е најголем пораст во однос на состојбата со другите региони каде бројот на заразените опаѓа.
Поради ова, вицепремиерот Бујар Османи денеска во Клиничката болница во Тетово имаше состанок со заменик министерот за здравство и директорите на Институтот за здравство и Центарот за Јавно здравје од Тетово, на кој беше разгледана моменталната состојба во Тетово и тетовско.
„И покрај тоа што генералниот впечаток е дека состојбата е под контрола и трендот на намалување е позитивен, освен овој пик кој денеска се случува, сепак констатиравме одредени слабости и во делот на почитување на индивидуалните мерки од страна на граѓаните и во делот на комуникацијата со матичните лекари кон барањето на граѓаните по што направивме еден план кој денеска ќе биде презентиран во Кризниот штаб и Комисијата за заразни болести со цел да се подобри менаџирањето“, изјави Бујар Османи, главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД-19.
Од 11-те новозаразени лица, 6 се од Камењене и Палчиште, 3 се од Брвеница и по едно од Требош и Тетово. Според Османи, во новите случаи има и кластери и сега во тек е нивна идентификација со цел да се изолираат сите кои биле во допир со заразените. До сега во тетовскиот регион има евидентирано 107 заразени лица од кои 8 се починати.
Иако на ниво на државата спласнува епидемијата, Османи апелира граѓаните и понатаму да се почитуваат мерките бидејќи може да се создаде лажна самодоверба дека ја поминавме кризната состојба и предвремено да се опуштиме со опасност епидемијата да се врати.
Османи се осврна и на донесената одлука на ИВЗ за отворање на верските објекти
„Тие одлуката ја донеле врз основа на новите бројки кои се во опаѓање и што неколку земји во регионот носат одлуки за отворање на верските објекти. Вчера разговаравме за подготвување сет мерки кои ќе треба да ги имплементираат и тие се подготвени сите тие мерки кои ќе им ги дадеме, во смисла на одржување доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди“, рече Османи.
З.АНДОНОВ