Загрижувачки податоци за врсничкото насилство во битолските основни и средни училишта покажа досега нaјобемното истражување на оваа тема во битолското образование, спроведено од професорите Ангелина Станојовска, Ивона Шушак-Лозановска, Ице Илиевски од Правниот факултет, Гордана Ристовска-Димитровска од Високата медицинска школа и Елизабета Талевска од Центарот за социјални работи.
Во научно-истражувачкиот проект со анкетен прашалник беа опфатени 603 ученици, по 30 од сите основни и средни училишта во општината, од седмо одделение до четврта година. Само 23 проценти одговориле дека во нивното училиште нема булинг, што укажува дека врсничкото насилство е сериозно присутно во училиштата.
„На прaшањето дали некогаш биле жртва на булинг во нивното училиште, 159 ученици или 26,59 проценти одговориле потврдно. Кај најголемиот дел од нив булингот се случувал неколкупати во неделата (12 ,5 проценти), а кај 11,19 проценти барем еднаш дневно. Учениците одговорија дека најчесто биле жртви на психичко насилство – 34,65 %, на физичко насилство – 24,78 проценти, па потоа следуваат со скоро 10 проценти сајбернаилството и социјалното насилство со 7,36 % и шест ученици одговориле дека биле жртви на сексуално насилство од свои соученици“, рече проф. д-р Станојовска.
Истражувањето покажа дека насилството најчесто траело неколку часа или неколку дена, но загрижувачки е податокот дека 15 проценти од учениците изјавиле дека тоа продолжило подолго од една година. Машките биле почести жртви и сторители на булингот. Но, најчесто го извршувала група ученици, што укажува дека оваа појава има колективен карактер, а не само индивидуален.
„Врсничкото насилство најчесто е забележано во училишниот двор, училницата, училишниот ходник и на социјалните мрежи. Според облиците на насилство, учениците најчесто се сведоци на психичко насилство – исмејување, нарекување со погрдни зборови, па следува физичкото насилство – удирање, туркање, клоцање, кубење, на трето место е сајбернасилството – вознемирувања на интернет и праќање пораки“, рече доцент д-р Шушак-Лозановска.
Последиците од насилството учениците ги наредиле по следниот редослед: емоционален стрес и анксиозност, намалена самодоверба и самопочит, социјална изолација и повлекување, здравствени проблеми, но и мисли за самоповредување и суицидни мисли и намален успех во учењето.
„На прашањето како се чувствуваат во училиште, 502 ученици рекле дека се среќни, но има и 20 ученици кои кажале дека се чувствуваат тажно, 19 осамено, а 15 исплашено“, рече проф д-р Илиевски.
Според добиените одговори, жртвите најчесто со избегнување на насилниците се обидувале да го решат проблемот. Околу 12 проценти пријавиле во училиштата, 14% не презеле ништо, околу 16% ги игнорирале насилниците, 9% ги избегнувале да не ги сретнат. Дури 20 проценти од сведоците на вакви насилства биле само неми набљудувачи.
„На прашањето дали ситуацијата се променила кога кажале, тоа се случило во 71 процент, а 13 проценти одговориле дека се влошила. Ги прашавме што беше причината, одговорија дека ништо не презеле стручните лица, насилниците не ги почитуваат наставниците, никој не реагираше, не може еден професор да се спротивстави на 17 вагабонти, не им е гајле на моите соученици, професорите се плашат од хулиганите, јас мислев дека сум виновна за тоа што ми се случува“, додаде професорката Станојовска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА