16 МИНУТНИ МОЛК И ЅВЕЗДЕНО НЕБО НА ПРЕПОЛНИОТ ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ ЗА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА

    16 МИНУТНИ МОЛК И ЅВЕЗДЕНО НЕБО НА ПРЕПОЛНИОТ ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ ЗА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКАНикој немаше говор на протестот наречен Собир за заедништво, организиран од неформалната граѓанска група „Кој е следен?“. (Фото: СДК.МК)

    Стотици граѓани, претежно млади луѓе и студенти од целата држава, го преполнија вечерва централниот Плоштад Македонија во Скопје. Тие молчеа речиси еден час, а 16 минути светеа со мобилните телефони, држејќи ѕвездено небо во знак на почит за настраданите 59 врсници, во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март.

    Имаше бројни пишани пароли и плакати за броење пари со крвави раце, плакати со прашања: “Колку соништа згаснаа, колку зборови останаа неизречени?“. Застана и девојче со текст на бел хамер:„Како сега јас ќе живеам без тебе?“, но и многу многу текстови со бес и револт против распространетата корупција во секоја пора на државата.

    Пишаните пораки беа и со барања болката што ја зави цела Македонија никако да не биде заменета со молк и заборав. Граѓаните очекуваат одговорност, казни, правда и поправање на работите, искоренување на корупцијата.

    Никој немаше говор на денешниот протест, наречен Собир за заедништво. Го организираше неформалната граѓанска група „Кој е следен?“ со повик преку социјалните мрежи.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска кажа дека е уапсено лицето кое издало и потпишало проект дека дискотеката „Пулс“ во Кочани, ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа, кажа . Лицето се терети за Тешки дела против општата сигурност во врска со предизвукување општа опасност. Во моментов, како што кажа министерот, одреден е 48-часовен притвор за 14 лица и тоа на 11 за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, а на три лица за несовесно работење.

    Министерот кажа дека се идентификувани сите 59 загинати, повредени се вкупно 196 лица од кои 20 се деца, а 80-мина се транспортирани на лекување во странство.

    Тошковски кажа дека денеска се разрешени началници од Штип и Кочани за да се обезбеди независна истрага и на нивно место ќе бидат донесени началници од Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира