16 СРЕДНОШКОЛЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СКОПЈЕ И ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЈАТ ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ДА ИМ ПОМАГААТ ВО УЧЕЊЕТО

    16 СРЕДНОШКОЛЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СКОПЈЕ И ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЈАТ ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ДА ИМ ПОМАГААТ ВО УЧЕЊЕТООбразовни аиситенти по 4 часа на ден ќе бидат заедно со учениците на часовите и ќе им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Шеснаесет средношколци со посебни образовни потреби и годинава ќе добијат лични асистенти кои ќе им помагаат во учењето во текот на школската година. Град Скопје втора година по ред заедно со УНДП и Агенцијата за вработување го спроведуваат проектот за ангажирање на образовни аиситенти, кои по 4 часа на ден ќе бидат заедно со учениците на часовите и ќе им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот.

    „Услугата од асистентите е бесплатна за родителите кои дадоа согласност да се вклучат во проектот. Дел од средствата се обезбедени преку програмата Општинско-корисна работа, а дел се од Буџетот на Град Скопје. Месечниот надоместок за асистентите изнесува 9.000 денари, а за нив Градот обезбедува и бесплатен јавен превоз кој ќе можат да го користат за време на ангажманот“, велат од Град Скопје.

    Ангажирањето образовни асистенти во средните училишта е продолжување на праксата од минатата година кога Град Скопје за првпат ја реализираше оваа активност. Потребата од повторно ангажирање стручен кадар кој ќе помага на средношколците за време на наставата како што велат од Град Скопје се должи на позитивното искуство од претходната година и постигнатиот успех на учениците кои ја користеа услугата.

    „Минатата година Град Скопје за првпат додели награда за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијата на ученичка од четврта година во гимназијата ‘Никола Карев‘, која користеше услуга од образовен асистент и постигна одличен успех во последната година од образованието“, додаваат од Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира