Двата нови случаи позитивни на ковид-19 од Битола се 18- годишни битолчани и се меѓусебно поврзани, а и поврзани со претходно евидентирани лица со коронавирус, соопштија од Центрот за јавно здравје во Битола. Бројката на битолчани со коронавирус порасна во последниве денови кога дневно беа евидентирани и по пет до шест случаи. Од Кризниот штаб на Општина Битола соопштија дека присутна е појава на асимптоматски случаи, а возрасната граница кај заболените во Битола се спушта, така што заболуваат и лица на возраст помеѓу 20 и 30 години.
Од појавата на пандемијата во Битола се заразиле 116 лица, а болеста е во тек уште кај 58. Од нив 18 лица се хоспитализирани, а 40 се на домашно лекување. Од вкупниот број на лица каде болеста сѐ уште е во тек, 19 не даваат податок за контакт со потврден позитивен случај. Останатите 39 активни случаи потврдуваат дека биле во контакт со други позитивни лица. Од нив, 19 битолчани се поврзани директно или индиректно со текстилна компанија, а останатите 20 лица со помали фамилијарни или работни кластери.
Од Кризниот штаб преку соопштение попладнево предупредија дека криењето контакти на заболени и непочитување на мерките за изолација се кривично дело.
„Во следниот период, се засилуваат контролите од страна на СВР Битола, како и од Општинскиот комунален инспекторат, а согласно законската регулатива секое непочитување ќе биде соодветно санкционирано. Општинскиот кризен штаб ги информира и лицата кои се наоѓаат во самоизолација, дека за набавка на потребните намирници, можат да ја контактираат Општинската организација на Црвениот крст“, соопштија од Кризниот штаб.
Од Центарот за јавно здравје апелираа да се почитуваат мерките за заштита и од страна на младите лица посебно во вечерните часови при излегувања во кафе барови и слично.
Во другите општини кои се во надлежност на Центарот за јавно здравје од Битола, Кичево има 118 вкупно лица со коронавирус од март до сега, а активни 80. Во Ресен 143 од кои бројот на активни падна на 36, а во Демир Хисар 24 од почетокот на епидемијата од кои 23 активни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА