Членови на спортски организации, вработени во локалната самоуправа и ЈП „Комуналец“ од Свети Николе спроведоа акција за собирање на расфрланото ѓубре на излетничкото место Бареш, оддалечено од градот десетина километри.
„Во еднодневната акција наполнети се 200 вреќи со ѓубре. Упатувам благодарност до ЖРК Овче Поле, кој беше иницијатор на акцијата и до останатите учесници од истоимениот фудбалски клуб, локалната самоуправа и ‘Комуналец‘“, изјави градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.
Тој упати апел до граѓаните да ја чуваат природата и сметот да го фрлаат во корпите и контејнерите, поставени на сите излетнички места.
Акцијата уследи по објавата на СДК.МК на 14 мај дека излетничкото место Бареш кај Свети Николе, кое располага со густа борова шума и десетина летниковци, е преплавено со ѓубре, оставено уште од првомајските денови.
Т. ЈОВАНОВСКИ