ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА ЃУРИШТЕ И БАРЕШ КАЈ СВЕТИ НИКОЛЕ СЕ ПРЕПЛАВЕНИ СО ЃУБРЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА СЕ СОБИРАЛО ЕДНАШ МЕСЕЧНО

    ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА ЃУРИШТЕ И БАРЕШ КАЈ СВЕТИ НИКОЛЕ СЕ ПРЕПЛАВЕНИ СО ЃУБРЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА СЕ СОБИРАЛО ЕДНАШ МЕСЕЧНОЛетниковците во Бареш се дават во ѓубре, а клупите и масите се кршат (Фото; СДК.МК)

    За празниците и викендите, излетничките места Бареш и Ѓуриште на десетина километри северно од Свети Николе се посетувани од илјадници луѓе од Штип, Кочани, Куманово, Велес, Скопје и најмногу од Свети Николе.

    Посебно е атрактивен Бареш, кој располага со неколку хектари густа борова, но и друг вид на шума. При вчерашната посета на ова излетничко место, на десетина места во шумата можеа да се забележат купишта ѓубре, оставено од несовесни граѓани. Кеси, отпадоци од храна, пластични шишиња и што уште не. На некои места имало буриња и канти, но и тие беа турнати на земја, а ѓубрето растурено. Контејнерите што се во близина на главниот пат исто така се преполни со отпадоци. Колку ѓубре има во контејнерите, толку и околу нив.

    „Имаме прекрасни излетнички места. Убава природа, густа борова шума, убави ливади. Не случајно Општина Свети Николе кај месноста Бареш пред 5-6 години изгради девет летниковци кои можат да соберат 200 посетители. Секој летниковец содржи десетина маси за до 40 луѓе. За нив се подигнати посебни фурни за печење скара. За жал, дел од дрвените маси и клупи се искршени“, вели Убавка Трајчева од Свети Николе, која има семејна вила во Бареш.

    Како што раскажува, пред извесно време спречила еден млад човек да однесе маса и клупи надолу кон нивите.

    Купишта ѓубре има и во самата шума, која се простира на неколку стотина метри (Фото: СДК.МК)

    Однесувањето на граѓаните го осудуваат и неколкумина повозрасни излетници на кои наидовме. Велат дека дел од помладите се неодговорни кон природата и гајле им е што ќе остават зад себе после излетот. Критики заслужуваат и општинските власти, кои не реагираат ѓубрето да биде брзо собрано.

    Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, зафатен со состаноци и средби со граѓаните, денеска немал време за телефонски контакти со новинари, рекоа од неговата секретарска служба, барајќи комуникацијата да биде преку мејл. Даниела Лазарова од инфо-центарот на Општината само рече дека нивното комунално претпријатие порано го собирало сметот од овие локации и го правело тоа еднаш месечно. За тоа кога ќе биде наредната акција за собирање смет, не можеше да прецизира.

    На официјалната веб-страница на Велковски, последната еко-објава е од 28 март, кога е информирано дека ЈП „Комуналец“ извршило акции на собирање на сметот од Бареш и Мавровица и се упатува апел до граѓаните за совесно однесување.

    Од Општинската организација на жени во Свети Николе велат дека последната поголема граѓанска еко-акција ја имале на 16 септември минатата година, кога се чистеле локалитетите Горно Ѓуриште и Бареш. Најава за нова акција нема, но се апелира до излетниците да не го оставаат ѓубрето во шумите и на ливадите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира