Тетовските и гостиварските возачи денеска сигурно постигнаа еден неславен рекорд. За само 5 часа колку што траела акцијата на сообраќајната полиција дури 264 возачи возеле над дозволената брзина и со тоа направиле сериозен сообраќаен прекршок.
Акциската контрола се одвивала паралелно и во Тетово и во Гостивар, а освен патиштата контролирано било и пречекорувањето на брзината низ населените места.
„Полициски службеници на СВР Тетово денеска од 10 до 15 часот спровеле сообраќајно-контролни активности, во рамките на кои биле откриени и санкционирани вкупно 161 пречекорување на максимално дозволената брзина надвор од населено место, од кои 94 во Тетово и 67 во Гостивар. Од нив 6 пречекорувања, 4 во Тетово и 2 во Гостивар, биле за движење на возилата повеќе од 70 километри на час од дозволената брзина. Покрај ова, санкционирани се и 85 возачи, 68 во Тетово и 17 во Гостивар, кои ја пречекориле брзината во населено место. Во контролата, со законски предвидените мерки, односно поднесоци биле санкционирани и 11 други видови сообраќајни прекршоци. СВР Тетово уште еднаш апелира до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот и да не ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот“, се вели во соопштението доставено од портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Од полицијата исто така соопштуваат дека на сите прекршители им се изготвени законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од тоа за колку километри на час пречекориле дозволената брзина, а ќе им бидат одземени и возачките дозволи во период од три месеци до една година.
З. АНДОНОВ