37 СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ ВО СТРУМИЦА СЕДАТ ПРАЗНИ ТРИ ГОДИНИ, НАЈАВЕН НОВ ОГЛАС ЗА РАСПРЕДЕЛБА

    37 СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ ВО СТРУМИЦА СЕДАТ ПРАЗНИ ТРИ ГОДИНИ, НАЈАВЕН НОВ ОГЛАС ЗА РАСПРЕДЕЛБАВо социјалната зграда сега живеат само лица со посебни потреби од Заводот за рехабилитација во Бања Банско. (Фото: СДК.МК)

    По три години од изградбата на социјалната зграда во Струмица, 37 станови сѐ уште не се доделени на лицата од социјален ризик за кои се предвидени. Последната најава дека ќе биде распишан нов оглас за распределба на становите беше во февруари, но од Министерството за транспорт и врски сѐ уште не го објавиле. Корисниците на социјална помош, деца без родители, самохрани мајки, лицата погодени од елементарни непогоди сѐ уште го чекаат огласот со надеж дека ќе го решат станбеното прашање.

    „Конкуриравме на два повика, но добивме куси известувања дека повикот е поништен заради усогласувања на законската регулатива и опфатот на лица од социјално ранливи категории“, реагираа корисници на социјална помош од Струмица.

    Министерот Благој Бочварски во февруари кажа дека причина за неуспешните повици за распределба на социјалните станови во Струмица била тоа што имало голем број апликанти од други општини и увери дека за десетина дена ќе биде распишан нов. На прашањето зошто и по месец и половина од најавата нема Оглас, од Mинистерството кусо одговорија дека било поради ковид ситуацијата.

    „Двајца членови од комисијата беа позитивни и во изолација. Огласот за распределба на социјалните станови во Струмица на улицата Ѓорги Василев ќе биде распишан следната недела“, ни  одговорија од Министерството за транспорт и врски.

    Од таму велат дека социјален стан во Струмица може да добијат само жителите на оваа општина, додека лицата од социјален ризик од останатите рурални општини кои гравитираат и се водат под Центарот за социјални ризици Василево, Босилово, Ново Село немаат право. Бочварски вели дека може да се градат социјални згради и во помалите општини за што треба иницијатива од градоначалниците и да се разработи модел.

    „Мислам дека не е добро да се дозволи селење на граѓани од една во друга општина со аплицирање за добивање стан. Ако се дозволи, тогаш може граѓани од Гевгелија да аплицираат за социјален стан во Гостивар. Ние постапуваме по закон, но ги разгледуваме сите можности и ако се јави потреба во помалите општини тогаш ќе најдеме начин да се изградат станбени единици и таму“, изјави неодамна Бочварски.

    Социјалната зграда во Струмица беше изградена во 2018. Таму живеат само лица со посебни потреби кои со процесот на деинституционализација од Заводот за рахабилитација Бања Банско се вселија во четири стана кои беа доделени на Министерството за труд и социјална политика.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира