4-ГОДИШНО ДЕТЕ ВИСЕЛО НА ЧЕТВРТИ КАТ ВО ПРИЛЕП, ГО СПАСИЛЕ ПОЖАРНИКАРИ

    4-ГОДИШНО ДЕТЕ ВИСЕЛО НА ЧЕТВРТИ КАТ ВО ПРИЛЕП, ГО СПАСИЛЕ ПОЖАРНИКАРИНастанот се случил во понеделникот утрото нешто по седум часот во прилепската населба Точила, додека детенцето на кратко останало само во станот. - Противпожарната единица (Фото: СДК.МК)

    Пожарникар од Прилеп спаси четиригодишно дете кое стоело од надворешната страна на ограда од тераса на четврти кат во Прилеп. Детето било на висина од петнаесетина метри, а пожарникарот успеал да го спаси со таканаречена скала кукачка. Настанот се случил во понеделникот утрото нешто по седум часот во прилепската населба Точила, додека детенцето на кратко останало само во станот.

    Од Прилепската противпожарна единица велат дека интервенирале неколку пожарникари по дојавата дека детенце виси од надворешната страна на терасата. Но, скромни се и не ги откриваат имињата на пожарникарите кои учествувале во спасувањето објаснувајќи дека не сакаат да се експонираат и дека како пожарникари спасувачи само си ги извршувале работните задачи.

    „Четиригодишно машко дете, најверојатно се провлече низ железната ограда од терасата и стоеше на надворешната страна од терасата. Екипата на терен пристигна за три до четири минути од дојавата, тоа е доста брзо. За неполна минута се искачија до горе. Подвигот се состои во брзината на реакцијата, пожарникарот за кратко се искачи до горе, ризикувајќи си го животот. Се искачи со скала кукачка, која се беси на едната тераса, се качуваш, па ја бесиш на другата и така тераса по тераса стигна до детето и го префрли од безбедната страна на терасата. Многу ризична процедура. Спасувањето се одвиваше на четврти кат од зграда која има и приземје, значи на висина од 13 до 15 метри“, вели Виктор Стојчески командир на Прилепската противпожарна единица.

    Очевидци раскажуваат дека додека траело спасувањето детето се држело цврсто на оградата, а пожарникарот го храбрел да остане таму и да не се плаши зашто за кусо време ќе стигне до него. Раскажуваат дека сѐ се одвивало брзо како на филм.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира