Од почетокот на годинава до сега 422 граѓани се каснати од куче во Скопје. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во просек дневно по двајца граѓани пријавуваат дека биле каснати од куче на улиците или парковите низ главниот град.
Во дневните билтени на МВР зголемен број пријави на лица нападнати од улични кучиња имаше во месеците март и април кога беше воведен полицискиот час, а кафулињата и рестораните не работеа. Немаше ден а да нема пријава за каснат граѓанин од куче.
Во моментов Скопје нема стационар за улични кучиња бидејќи тој сѐ уште се реновира. Во април лани откако беше формирано новото претпријатие на Град Скопје за улични животни „Лајка“ стационарот во Вардариште беше затворен поради појава на заразни болести и пропусти во работењето. Оттогаш почна комплетно реновирањето на објектот, кое сѐ уште трае.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека стационарот за бездомни животни наскоро ќе биде пуштен во употреба.
„Градежните работи малку се одложија поради пандемијата на ковид-19. Финишираме и за многу кратко тој ќе биде пуштен во употреба. Кучињата ќе имаат подно греење, вентилација, комплетно реновирани боксови, но и надворешен дел односно услови како што не било случај до сега. Градот изминатиот период работеше и на програмата за третман на уличните кучиња, за решавање на овој проблем“, вели Шилегов.
А. АНТЕВСКА