600 кубици отпад се собрани во акцијата на Град Скопје за бесплатно чистење на стрништата. Од 20 август до сега, на телефонскиот број за бесплатно собирање на земјоделски отпад се јавиле 120 граѓани.
„Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која почна кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата и да се спречи ширењето на евентуални пожари. Постигнатиот резултат нѐ охрабри кампањата да ја повториме и наредната година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Очекуваме Министерството за земјоделство, да се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури. Во таа насока очекуваме и Скопскиот плански регион масовно да се вклучи во кампањата“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
За време на кампањата казнети се тројца граѓани кои палеле стрништа и отпад, со парична казна од 1.000 евра.
„Секојдневно сме на терен. Контролираме и во општина Сарај, каде граѓаните почнаа да ги почитуваат правилата и поголем дел од овие повици за бесплатно собирање на отпад се од таму“, вели раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.
А. АНТЕВСКА