Вкупно 68 дуќани, деловни простории и тезги се оштетени од големиот пожар во градскиот трговски центар „Глобал“ во Струмица, а висината на штетите за секој објект треба да ја утврди вешто лице, соопшти Јавното обвинителство. Од таму велат дека се преземаат сите дејствија за утврдување на причините за пожарот кој избувна ноќта на 2 јануари и остави стотоина домаќинства без работа.
„Во пожарот беа оштетени 44 дуќани и магацини, како и 24 тезги, а за висината на штетата по барање на Обвинителството ќе се произнесе вешто лице. Во таа насока, доставени се барања за утврдување на претрпена штета по однос на вид и висина, а по претходно изготвен протокол од страна на вешто лице од економска струка“, велат од Обвинителството
Пожарот, како што кажаа од струмичката противпожарна единица, критичната ноќ избувнал кај делот за дотур на стока, каде се наоѓаат тезги со разновидна стока. Цели пет часа им беа потребни на пожарникарите да го локализираат, а на помош дојдоа и пожарникари од околните градови.
Обвинителството има сослушано 15 лица за кои сметало дека може да дадaат какви било податоци. Засега не се открива до какви сознаниjа се дојдени, ниту пак што има на снимките од видеонадзорот. Во меѓувреме, на вештачење е дадена и сета градежно-техничка документација за објектот земена од Општина Струмица.
„Обвинителството ја одзеде целокупната гадежно-техничка документација од Општината во врска со ТЦ ‘Глобал‘, по што се дадени наредби за вештачења кои се очекуваат да пристигнат. Пристигнати се податоци и документација која беше побарана од ЈП ‘Комуналец Струмица‘, претпријатието кое стопанува со тезгите во внатрешниот дел на трговскиот центар“, кажаа од Јавното обвинителство.
Опожарениот дел од „Глобал“ изминатиов период се исчисти по што ќе почне санација. Во меѓувреме, Владата повика на солидарност до сите државни институции да помогнат во санирање на штетите. Од „Комуналец“ велат дека за десетина дена ќе биде ставен во функција неопожарениот дел при што е направена физичка поделба со оштетениот дел и изгорените дуќани.
В. ТРАЈКОВ