„А БЕ ГО САКАМ БАИРО ЧИСТ“- БИТОЛСКИТЕ ЕКОЛОЗИ БАРААТ РЕШЕНИЈА ЗА ДИВАТА НАСЕЛБА ВО БИТОЛА

    „А БЕ ГО САКАМ БАИРО ЧИСТ“- БИТОЛСКИТЕ ЕКОЛОЗИ БАРААТ РЕШЕНИЈА ЗА ДИВАТА НАСЕЛБА ВО БИТОЛАВо дивата населба Горен Баир во Битола околу 1.500 до 2.000 жители или немаат воопшто вода или имаат во краток период од 2 по полноќ до 6 наутро. (Фото: СДК.МК)

    Околу 1.500 жители или 244 објекти во неурбанизираната ромска населба Горен Баир во Битола се со повремен доток на вода, а 500 жители или 88 објекти без вода, покажа истражувањето спроведено во рамки на проектот „А бе го сакам Баиро чист“ на Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола во соработка со Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ и Националната коалиција за животна средина. Добиените податоци беа презентирани денес на тркалезна маса со цел изнаоѓање на одржливи решенија.

    „Најголемите проблеми врз основа на извршената анкета е што луѓето се жалат за комунални проблеми, големи отпадоци, две големи депонии кои го загрозуваат животот. Едната депонија е кај каналот за прифаќање поројни води, па се доведува во опасност и населбата Бадембалари од евентуални поплави, а од друга страна имаат проблем со водоснабдувањето. Околу 1.500 до 2.000 жители се засегнати или немаат воопшто вода или имаат во краток период од 2 по полноќ до 6 наутро. Од три улични чешми функционира само една и луѓето се собираат во редици, што не е препорачливо во услови а ковид-19“, рече Мите Ристов од „Геосфера“.

    За да се реши поблемот со недостиг на вода, од „Геосфера“ предлагаат инсталирање пумпа за вода, а за депониите еко акција. Во анкетата врз 60 семејства, на прашањето каде го фрлаат отпадот дури половината одговориле на депонија, а 35 проценти насекаде. Смет во контејнер фрлаат само 15 проценти од семејствата вклучени во анкетирањето. Дури и половината како причина за депониите го навеле однесувањето на жителите од населбата, но исто така 65 проценти сметаат дека ќе се реши проблемот со ѓубрето, ако има контејнери и корпи за отпадоци кои јавните претпријатија ќе ги одржуваат. Сепак, во однос на подигањето на отпадот, само 18 прооценти е достапен простор во населбата, а останатата територија е недостапна за организирано собирање на смет како во другите делови од градот. Таму 369 метри од улиците се асфалтирани, а 1591 остануваат неасфалтирани.

    Друг еколошки проблем е спалувањето на каблите за да го извадат бакарот и да го препродадат со што заработуваат за леб, а ја загадуваат животната средина.

    „Ние предлагаме решение да се враши откуп од јавните претпријатија на оваа гума, со што ќе ги мотивираме жителите да не ги спалуваат каблите за да добијат бакар, туку да го продаваат. Поделивме преку 20 алати за соголување кабли во населбата. Тие сфаќаат дека е загадување и штетно по здравјето. Но, најголем дел од луѓето таму се невработени и немаат друга можност освен да прават нешто за да добијат средства за живот“, рече Ристов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира