AДВОКАТКА УАПСЕНА НА ТАБАНОВЦЕ ВО ОБИД ДА ИЗБЕГА СО 10.000 ЕВРА НА КЛИЕНТКА

    AДВОКАТКА УАПСЕНА НА ТАБАНОВЦЕ ВО ОБИД ДА ИЗБЕГА СО 10.000 ЕВРА НА КЛИЕНТКАИзвори од Кумановскиот суд велат дека ова не е првпат адвокатка да врши измами на свои клиенти. - Судот во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Адвокатка од Куманово фатена е на граничниот премин Табановце откако се обидела да избега со 10.000 евра кои успеала со фалсификат да ги подигне од сметка на својата клиентка, соопштија од Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против адвокатката под сомнение дека сторило кривично дело Измама.

    Адвокатката била ополномоштена од клиентка да ги застапува нејзините правни интереси пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за остварување и ретроактивна исплата на семејна пензија. Како застапник, таа ја имала информацијата дека досудените парични средства од спорот во висина од 680.634 денари се исплатени на трансакциската сметка на нејзината клиентка.

    „Со намера да прибави за себе поголема противправна имотна корист, адвокатката ја зела личната карта на нејзината клиентка и заедно со уште едно засега непознато лице кое физички наликувало на клиентката, се упатила во експозитурата на банката во Куманово. Притоа осомничената адвокатка, заедно со другото лице, преку користење на туѓи исправи и идентитет, се обиделе да извршат трансфер на парите од сметката на оштетената на трансакциската сметка на адвокатката. Во намерата не успеале поради тоа што службените лица од банката се посомневале во идентитетот на другото лице“, соопштуваат Обвинителството.

    Потоа истата тактика ја примениле во експозитура на банката во Скопје, каде успеале да ги подигнат парите. Во меѓувреме, службениците од експозитурата во Куманово го пријавиле обидот на осомничената во јавното обвинителство и надлежните служби. Адвокатката со парите била уапсена на граничниот премин Табановце.

    „Со оглед на тежината на стореното дело, како и оправданиот страв дека постои можност осомничената да се даде во бегство и да го повтори делото, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен, па судот со Решение на осомничената и определи притвор од осум дена“, додаваат од Обвинителството.

    Извори од Кумановскиот суд велат дека ова не е првпат адвокатка да врши измами на свои клиенти. Таа била веќе осудувана условно за измама откако го признала делото.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира