Општина Аеродром потпиша договор во вредност од 10 милиони евра за реализација на проектот „Смарт Аеродром“.
Договорот за јавно-приватно партнерство е потпишан со друштвото за производство, трговија и услуги „Кресцент смарт сити Скопје“. Оваа фирма била единствената која доставила понуда на тендерот објавен од Општина Аеродром. Договорот со приватниот партнер ќе трае 13 години.
Проектот предвидува поставување паметно лед-осветлување на целата територија на општината, со што ќе се обезбеди заштеда на електрична енергија, нудење услуги за изнајмување електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, како и поставување дигитални информативни дисплеи, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили.
„Ова партнерство ја означува нашата решеност за создавање паметна општина која на прво место ги става потребите и приоритетите на граѓаните, интегрирајќи ги модерните технологии кои го олеснуваат секојдневниот живот“, рече градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на потпишувањето на договорот.
А. АНТЕВСКА