Општина Аеродром подготви план и програма за четиригодишно работење со кои во 2025 година ќе стане единствена општина со европски стандарди во земјава, беше кажано на денешната презентација на проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Градоначалникот Златко Марин, за последната година од неговиот мандат најави 20 проекти за чиста животна средина, квалитетно урбано живеење и развој на руралните делови од општината, кои покрај со пари од буџетот ќе се реализираат и со средства и грантови од Европската унија.
„Стратегиската платформа што ја донесовме за следните 4 години ќе биде наш патоказ за носење на европските стандарди и вредности дома. Ќе ја зајакнеме соработката со невладиниот сектор, со интернационални асоцијации и здруженија, со институциите и граѓаните. Ќе ја искористиме целата поддршка што ни е достапна за овозможување подобар квалитет на живеење во нашата општина. Подобар квалитет на живот за сите наши жители“, рече градоначалникот Марин.
Меѓу проектите кои беа презентирани се нов начин и систем за чистење на општината кој ќе стартува од 1 февруари, селекција на отпад односно поставување машини за селекција на пластика и стакло, проекти за енергетска ефикасност на домови, за поставување фотоволтаици на зградите со што граѓаните нема да плаќаат сметки за струја на ЕВН. Се предвидува и изградба на станица за компостирање на отпад, голф терени во Лисиче, како и проекти за рурален развој.
„Сите општини нудат индустриски зони, ние ќе нудиме рурални, кои не загадуваат. Во руралните делови од општината ќе нудиме земјиште за граѓани за да си имаат бавчи. Има многу луѓе кои живеат во урбаните средини, но сакаат да си имаат бавча за да си одгледуваат домашен зеленчук и овошје и да имаат еден вид оддишка со овој модерен начин на живот. Ние тоа ќе им го овозможиме и сме сигурни дека ќе има огромен интерес“, велат од Општина Аеродром.
Ќе се формира и јавно претпријатие за развојни проекти од локално значење, со што ќе можат да се реализраат проектите, како и да се даде поддршка на млади луѓе кои имаат одредени европски идеи и проекти, а можат да се имплементираат тука.
„Дел од овие проекти многу брзо ќе бидат реализирани, а дел ќе почнат да се реализираат. Идеите се собрани од повеќе градови низ Европа кои на ваков начин го подобриле животот на граѓаните. Сигурни сме дека во 2025 година ќе бидеме првата европска општина во земјава и ќе можеме нашето знаење и проекти да ги пренесеме на другите општини“, додаваат од Општината.
А. АНТЕВСКА