АКО АРСОВСКА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ НЕКА НИ ГИ ПЛАТИ КРЕДИТИТЕ ЗА КОЛИТЕ ОТИ ЌЕ НЀ ОСТАВИ БЕЗ РАБОТА, ВЕЛАТ ТАКСИ ПРЕВОЗНИЦИТЕ

    АКО АРСОВСКА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ НЕКА НИ ГИ ПЛАТИ КРЕДИТИТЕ ЗА КОЛИТЕ ОТИ ЌЕ НЀ ОСТАВИ БЕЗ РАБОТА, ВЕЛАТ ТАКСИ ПРЕВОЗНИЦИТЕКој ќе се вози со такси ако автобусите се бесплатни, прашуваат такси превозниците и најавуваат протести. (Фото: К.Попов)

    Авто-такси превозниците велат дека бесплатниот автобуски превоз кој го ветува градоначалничката Данела Арсовскa ќе ги остави без работа. Велат дека 2.700 таксисти и плус стотина диспечерки и диспечери се засегнати од проектот со кој граѓаните во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници ќе можат да се возат бесплатно.

    „Кој ќе се вози со такси ако автобусите се бесплатни?  Со овој проект кој го најавува градоначалничката Арсовска целосно ќе се уништи такси бизнисот. Ние имаме купено нови возила и сега како ќе ги враќаме кредитите. Ако се воведе бесплатен автобуски преовоз ние ќе бараме да ни ги исплати кредитите. Ќе го блокираме седиштето на Град Скопје и ќе протестираме“, вели Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на авто-такси превознци.

    Арсовска во својата изборна кампања вети воведување бесплатен автобуски превоз и набавка на нови 250 еколошки автобуси. Сè уште не објасни како ќе го спроведе ова ветување, ниту колку пари ќе треба да се одвои од буџетот на Градот за да се покријат трошоците со оглед на тоа дека ЈСП „Скопје“ со години работи со загуби.

    „Јас тоа што го кажав ќе го реализирам, но не можам во два дена. Луѓето планираат да се селат на Марс и да патуваат на Месечината, сè е возможно, па возможно е да имаме и бесплатен автобуски превоз. Па на ЈСП ‘Скопје‘ не му се единствени приходи продажбата на билети, имаат и други приходи. Се согласувам дека претпријатието 30 години работи со загуби и затоа постојано повторувам дека е потребно добро менаџирање. Потребно е да се проверат тендерите за набавки на гориво по високи цени“, кажа Арсовска минатата недела одговарајќи на постојаните новинарски прашања како ќе го реализира ветувањето за бесплатниот превоз.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира