АКО ДО 18 ФЕВРУАРИ НЕ ИМ БИДАТ ИСПЛАТЕНИ СУБВЕНЦИИТЕ, ОРИЗАРИТЕ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ РЕГИОНАЛНИОТ И ЕКПРЕСНИОТ ПАТ ШТИП-КОЧАНИ

    АКО ДО 18 ФЕВРУАРИ НЕ ИМ БИДАТ ИСПЛАТЕНИ СУБВЕНЦИИТЕ, ОРИЗАРИТЕ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ РЕГИОНАЛНИОТ И ЕКПРЕСНИОТ ПАТ ШТИП-КОЧАНИЛани во август оризопроизводителите го блокираа патот кај селото Облешево. (Фото: СДК.МК)

    Оризопроизводителите во Кочанско пак се подготвуваат за нови протести и блокади на патиштата, затоа што надлежните не одговараат  на нивните барања за средба. Не им се исполнети ветувањата дека цената на оризот ќе се зголеми и дека ќе бидат исплатени сите заостанати субвенции.

    Пред десетина дена тие најавија протести, но ги одложија затоа што во подрачната единица на Министерство за земјоделие во Кочани им било кажано дека до празникот 14 февруари треба да бидат исплатени субвенциите на лозарите, а веднаш потоа и на оризарите. Но, оризарите се категорични, ако тоа не се случи до 18 февруари, тие ќе ги радикализираат своите активности со блокади на патиштата.

    „Баравме средба со првите луѓе во Владата и Министерството за земјоделство, но до сега тоа не се случи, тие се оглушуваат на нашите барања веќе со години.  Бараме покачување на цената на оризовата арпа и да бидат исплатени сите заостанати субвенции за 2021 и 2022 и дополнителните 3,5 денари за секој откупен килограм оризова арпа. Ако ветувањата се лажни, тогаш ќе ги реализираме најавените блокади. Сега ќе ги блокираме регионалниот пат Штип-Кочани кај Облешево и во исто време новиот експресен пат кај Чешиново“, вели претседателот на Одборот на оризопроизводителите Здравко Арсов.

    Во Кочанско пред неколку години околу 4.000 оризопроизводители посејуваа над 5.000 хектари, но во последните две години голем број производители поради неповолните цени, високите трошоци, проблемите со наводнувањето и нередовната исплата на субвенциите се откажаа од земјоделската дејност и заминаа во странство. Поради сите неповолни услови сега во Кочанско бројот на оризопроизводителите е намелен и оризовата култура на пролет ќе ја посеат на 3.500 хектари. Тоа значи дека ќе биде намален и вкупниот род кој порано изнесуваше над 22.000 тони оризова арпа и околу 16.000 тони бел ориз.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира