АКО ИЗЛЕЗЕТЕ НА ПРОТЕСТ, НЕМА СУБВЕНЦИИ, СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ СЕ ЖАЛАТ НА ПРИТИСОЦИ

    АКО ИЗЛЕЗЕТЕ НА ПРОТЕСТ, НЕМА СУБВЕНЦИИ, СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ СЕ ЖАЛАТ НА ПРИТИСОЦИНа протестот за неисплатените субвенции се јавија мал број на земјоделци и според организаторите тие биле најхрабрите, бидејќи се соочуваат со притисоци. (Фото: СДК.МК)

    Струмичките земјоделци револтирани што на нивните сметки ги нема субвенциите излегоа на протест пред подрачната единица на Mинистерството за земјоделство. Тврдат дека со денови одат во банките, но немаат добиено ниту денар. Побараа одговор дали да се надеваат на државната помош од 2015 и 2016 година или пак да бараат решение за набавка на репроматеријали за новата производствена сезона која веќе ја почнаа.

    „Секој ден одиме во банките, но пари нема, а телевизија ни кажуваат дека имало. Ако има, нека ги пуштат, ако нема, нека кажат, а не секој ден да доаѓаме во Струмица. Како што е тргната работата, ќе треба и ние земјоделците да ги пакуваме куферите и да се иселиме“, кажаа земјоделците кои излегоа на протестот.
    На протестот се јавија мал број на земјоделци. Според организаторите тие биле најхрабрите, бидејќи со закажувањето на собирот пред подрачната единица на Министерството за земјоделство, во полицијата почнале притисоците на нивните адреси.

    „Уште во текот на вчерашниот ден и синоќа имаше апелирања до земјоделците дека сите оние што ќе дојдат и ќе бидат присутни на денешниот протест нема да им бидат исплатени субвенциите. Но, едно ќе кажам, биле не биле во најкус временски период субвенции ќе нема, оти трезорот на Министерството за финансии е празен“, рече Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците
    Платежната агенција информираше дека уште од минатата недела до Министерството за финансии се пуштени налози за исплата на субвенции од 2015 година во висина од околу 6 милиони евра. Од Министерството за финансии не одговорија дали има пари и кога ќе почне исплатата на субвенциите.

    В. Трајков

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира