АКО СЕ ЗАБРАНУВА ГРАДЕЊЕ, ТРЕБА ТОА ДА ВАЖИ ЗА ЦЕЛО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИ ОТКАКО МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ ПРЕДЛОЖИ ВО ЦЕНТАР И КАРПОШ ДА НЕ СЕ ГРАДИ 20 ГОДИНИ

    АКО СЕ ЗАБРАНУВА ГРАДЕЊЕ, ТРЕБА ТОА ДА ВАЖИ ЗА ЦЕЛО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИ ОТКАКО МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ ПРЕДЛОЖИ ВО ЦЕНТАР И КАРПОШ ДА НЕ СЕ ГРАДИ 20 ГОДИНИОд Општина Центар велат дека според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, Општина Центар не е прва, туку четврта општина по број на издадени дозволи за изминатите три години. (Фото: Општина Центар)

    Ако се забранува градење, тоа треба да се направи во цело Скопје, а не само во Центар и Карпош, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

    Откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски предложи да се донесат специјални закони за овие две општини со забрана за градење во следните 20 години, Герасимовски смета дека оваа идеја е лоша и неиздржана.

    Како што велат од Општина Центар, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, Општина Центар не е прва, туку четврта општина по број на издадени дозволи за изминатите три години, што значи дека посочување на само две општини каде треба да се решава проблемот е погрешно и неиздржано.

    „Какво било решение само за Центар или пак за две општини, како што сугерира министерот Николоски, не е добро решение. Ако се преземаат какви било мерки и нови решенија, треба да важат за сите општини на ниво на Град Скопје. Сметаме дека е потребно да се отвори дебата за тоа како да се унапреди урбанистичкото планирање и да се решат проблемите со кои се соочуваме. Како општина ќе дадеме поддршка само на издржано и сеопфатно решение кое вистински ќе ги реши проблемите. Но, тоа мора да оди преку јавна дебата, во која ќе ги вклучиме здруженијата кои се инволвирани во процесите и кои можат да бидат од помош, Архитектонскиот факултет и други“, велат од кабинетот на Герасимовски.

    Оттаму додаваат дека мораториумот кој беше на сила во Општина Центар во мандатот на ексградоначалникот Саша Богдановиќ не даде решение, туку дополнително ги отежна работите. По неговото укинување од Уставниот суд, Општината се соочи со огромен наплив на барања за градење, што ги парализираше службите.

    И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, не се согласува со идејата на Николоски. Тој ни изјави дека побарал средба со Николоски за да се разговара за ова прашање и дека во однос на урбанизмот во Скопје, потребна е јавна дебата, во која ќе се вклучат сите страни за да се најдат решенија.

    На комисиската расправа за Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, Николоски кажа дека во општините Центар и Карпош се случуваше и се случува урбанистички хаос.

    „Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини на ист начин како што направивме за Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме забрана за градење, да речеме, во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум, како што направи Општина Центар, па имаше мораториум секаде освен за улицата Козара и за ‘Дајмонд’. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули од по 25 ката од страна на ‘Лимак‘, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може поради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме целата држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин“, рече Николоски на 13 август.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира