АКО ТРЕБА ДА БИДАМ И МИНИСТЕРКА ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИ НЕКА СИ ДАДЕ ОСТАВКА, РЕАГИРА  АРСОВСКА НА ИЗЈАВАТА ДЕКА Е НЕСПОСОБНА ДА ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО СКОПСКОТО ПАРНО

    АКО ТРЕБА ДА БИДАМ И МИНИСТЕРКА ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИ НЕКА СИ ДАДЕ ОСТАВКА, РЕАГИРА  АРСОВСКА НА ИЗЈАВАТА ДЕКА Е НЕСПОСОБНА ДА ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО СКОПСКОТО ПАРНОАрсовска вели дека проблемот до БЕГ треба да го реши Владата. (Фото: СДК.МК)

    Балкан енерџи груп (БЕГ) е проблем на Владата, Бектеши треба да си ги знае надлежностите и да го реши проблемот со парното греење во Скопје, му одговори градоначалничката Данела Арсовска на министерот за економија. Откако утрово Крешник Бектеши кажа дека Арсовска нема капацитет да го реши проблемот со греење на скопјани, таа вели дека жално што министерот чека Град Скопје да му ги реши проблемите.

    „Ако треба да бидам и министер за економија Бектеши нека си даде оставка. Да потсетам, министерот кој се сликаше со дониран зејтин кој не можеше сам да го обезбеди, нема право да зборува за туѓа способност. Градот Скопје нема законска обврска да му ги решава проблемите на Бектеши. И наместо да си бара ‘жртви’ за сопствената неспособност, да најде начин како да им излезе во пресрет на граѓаните кои живеат на раб на сиромаштија заради неговите ‘успешни’ економски политики”, вели Арсовска.

    „Граѓаните нема да ги оставиме на цедило поради неспособноста на градоначалничката на Град Скопје како што беа оставени изминатата зима од нејзе. За да им биде на сите појасно каква е состојбата со системот за снабдување со топлинска енергија и да се увиди кој е во право во целата ситуација ја повикувам госпоѓа Арсовска на соочување во телевизиска дебата, во кој медиум таа ќе одлучи“, ѝ одговори Бектеши.

    Препукувањата околу парното греење во Скопје почнаа откако претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот изјави дека во тек е постапка за одземање на трите лиценци на БЕГ. Тој кажа дека откако ќе се одземат лиценците ќе ја информираат Владата да распишат тендер на кој треба да се најдат нови вршители на енергетска дејност.

    „Мое мислење е дека по примерот на соседството и градовите во Србија и Хрватска, Владата или јавно претпријатие треба да ја преземат вршењето на оваа дејност“, кажа Бислимоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира