АРСОВСКА НЕМА КАПАЦИТЕТ ДА ГО РЕШИ ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ

    АРСОВСКА НЕМА КАПАЦИТЕТ ДА ГО РЕШИ ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИОткако во понеделникот претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кажа дека е почната постапка за одземање на лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), градоначалничката Арсовска рече дека нема да бара Градот да ја преземе мрежата. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека градоначалничката Данела Арсовска нема капацитет да го реши проблемот со парното греење во Скопје. Тој денеска на својот фејсбук профил напиша дека пред 6 месеци, кога почна енергетската криза, градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ веднаш излегоа и кажаа дека тие имаат „решение“ за проблемот со непречено снабдување со топлинска енергија, а сега бегаат од одговорност.

    Во услови кога треба долготрајно решение за менаџирање со парното греење во Градот, а имаме време до средината на октомври кога почнува новата грејна сезона да најдеме решение, градоначалничката на Град Скопје Арсовска заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, кои пред шест месеци први излегоа со ‘решение‘ за парното греење, сега бегаат од одговорноста која како локална власт ја имаат со закон. Згора на тоа и признаваат дека немаат ниту капацитет, ниту волја да се справат со оваа ситуација“, напиша Бектеши.

    Откако во понеделникот претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кажа дека е почната постапка за одземање на лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), градоначалничката Арсовска рече дека нема да бара Градот да ја преземе мрежата. 

    Ова мислам дека е прашање во кое треба централната власт да се вклучи затоа што овој е голем проблем и ги надминува можностите на буџетите кои локалната власт ги има“, рече Арсовска во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање дали Град Скопје ќе се јави на огласот што би распишала Владата за преземање на топловодната мрежа откако ќе се одземат лиценците на БЕГ.

    За разлика од Арсовска која смета дека Град Скопје не може да ги грее скопјани, нејзиниот претходник Петре Шилегов од почетокот на мандатот бараше Градот да ја преземе топловодната мрежа и заради тоа беше формирано и јавно претпријатие за енергетика „Градски енергетски системи“, но тоа не се случи. Најпрво проблем беше тоа што мрежата била дивоградба, па се чекаше да заврши процесот на нејзина легализација, а потоа работите се одложија поради коронакризата и изборите, на кои Шилегов беше поразен од Арсовска.

    При формирање на „Градски енергетски системи“ Шилегов кажа дека еден од приоритетите во работата на новото претпријатие ќе биде поврзување на „Топлана Север“ со топловодната мрежа, проширување на мрежата во другите делови на градот и спроведување политика што поголем број граѓани да се приклучат на парно греење и да добиваат пониски сметки.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира