АКТЕРОТ БОРИС ЧОРЕВСКИ, ДОАЈЕН НА БИТОЛСКОТ ТЕАТАР, ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „4 НОЕМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО 

    АКТЕРОТ БОРИС ЧОРЕВСКИ, ДОАЈЕН НА БИТОЛСКОТ ТЕАТАР, ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „4 НОЕМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО Борис Чоревски е еден од најплодните актери во историјата на битолското глумиште со одиграни над 150 улоги. (Фото: СДК.МК

    Доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски е годишнешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело. Наградата „4 Ноември“ Општина Битола ја доделува по повод Денот на ослободувањето од фашистичката окупација.

    Чоревски (75) е еден од најплодните актери во историјата на битолското глумиште со одиграни над 150 улоги. На сцената на Битолскиот тетатар помина 41 година, а иако се пензионира во 2016, не се откажа од актерството. Поважни театарски улоги кои ги остварил се Осман бег во „Македонска крвава свадба“, Дон Жуан во претставата „Дон Жуан се враќа дома“, Барон Михаузен во „Минхаузан“, Јордан во „Печалбари“, Капулети во „Ромео и Јулија“ и многу други.

    Има и 20 филмски и 15 улоги во телевизиски серии. Глумел во филмовите „Трговецот од Солун“ на Душан Наумовски, „Црвениот коњ“ на Столе Попов, „Прва вечер“ на Димитрие Османли, „Прашина“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски. Играл и во сериите: „Илинден“, „Девојките на Марко“, „Битолски лакрдии“, „Втора смена“, „Големи и мали“, „Трето па машко“ , „Црвениот поет“ и други. Добитник е на бројни награди и признанија.

    Наградата „4 Ноември“ Чоревски ја добива во годината кога Народниот театар од Битола слави 80 години од основањето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира