АЛБАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИЛИР МЕТА ДВА ДЕНА ИНКОГНИТО ШЕТАЛ ВО БИТОЛА

    АЛБАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИЛИР МЕТА ДВА ДЕНА ИНКОГНИТО ШЕТАЛ ВО БИТОЛАПретседателот на Албанија Илир Мета на својата фејсбук страница објави фотографии од неговата посета на Музејот на албанската азбука во Битола, како и на селото Меџитлија каде се сретна со жителите (Фото: Фејсбук профил на Илир Мета)

    Претседателот на Република Албанија Илир Мета два дена бил во посета на Битола по повод 110-годишнината од албанската азбука, а македонските национални и локалните медиуми не беа известени за настанот. За посетата на Мета новинарите од Битола дознаа од социјалните мрежи, откако претседателот на Албанија на својата фејсбук страница објави фотографии од неговата посета на Музејот на албанската азбука во Битола, како и на селото Меџитлија каде се сретна со жителите. Тој се слика и покрај чешма со прочуената кисела вода во Пелагонија.

    Мета се слика и покрај чешма со прочуената кисела вода во Пелагонија (Фото: Фејсбук профил на Илир Мета)

    Под објавените фотографии напишал дека заедно со албанските жители „ја делиме желбата дека подобри времиња доаѓаат за нив, со новите изгледи за членство во НАТО на Македонија и преговорите за ЕУ следната година“.

    „Протоколот беше на високите гости од Албанија и ние не можевме да се мешаме, носеа новинари од Албанија. Претседателот на Албанија вчера го посети Музејот на албанската азбука во Битола, вечерта присуствуваше на концерт во Центарот за култура, синоќа преспа тука, а денес беше во Меџитлија“, рече Нуер Арслани, директор на Музејот во Битола.

    Претседателот на Албанија вчера го посети Музејот на албанската азбука во Битола (Фото: Фејсбук профил на Илир Мета)

    Новинарите од Битола не знаеја дека толку висок политичар е во посета на градот, па претпоставуваат дека најверојатно не беа ни известени за да не се поставуваат прашања. Деновиве, дел од македонските портали и телевизии повикувајќи се на медиумите од Албaнија, пишуваа за наводна можна замешаност на албанскиот претседател Илир Мета, но и албански бизнисмен кој има бизниси и во Македонија во бегството на осудениот пратеник и експремиерот Никола Груевски преку Албанија во Црна Гора до Унгарија.

    Дека претседателот на Албанија присуствуваше во Битолскиот Регион потврда имаме и од битолската полиција.  Мета денес околу пладне заминал од Битола.

    Попладнево од Министерството за култура сооштија дека со Мета се сретнал и министерто Асаф Адеми, кој денеска бил во работна посета на битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира