АНЃУШЕВ ВЕТИЛ ИТНА ИСПЛАТА НА ЕДНА ПЛАТА ЗА ПРИЛЕПСКИОТ ЗАГУБАР „ЕУРОКОМПОЗИТ“

    АНЃУШЕВ ВЕТИЛ ИТНА ИСПЛАТА НА ЕДНА ПЛАТА ЗА ПРИЛЕПСКИОТ ЗАГУБАР „ЕУРОКОМПОЗИТ“По исплата на првата ветена плата 280 вработени ќе го прекинат штрајкот што трае веќе трета недела, рече синдикатотот по средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев (Фото: СДК.МК)

    Итна исплата на една плата и придонеси за здравство, а во рок 45 дена исплата на уште една плата, скенирање на состојбите и наоѓање трајно решение за статусот во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ им ветил вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев на средбата со синдикатот на фабриката и претставници на гранковиот синдикат на СИЕР, што доцна попладнево заврши во Владата.

    „Вицепремиерот Анѓушев ни вети дека ќе се заложи за да се решат конечно проблемите во овој последен прилепски загубар. Се надеваме дека вработените по исплата на првата ветена плата ќе го прекинат штрајкот, што трае веќе трета недела, дека ќе продолжиме со работа, во очекување на други мерки, кои што значат крај на нашата работна агонија, што се пролонгира од почетокот на транзицијата до денеска“, велат членовите на синдикатот на „Еурокомпозит“.

    Синдикатот што ги застапува барањата на 280-те вработени е крајно незадоволен од работата на досегашното раководство, кое како што велат вработените, не се грижи за интересите на фирмата. Бараат исплата на заостанати плати за 2013, придонеси за пензиско осигурување од мај, 2012 до денеска и решавање на статусот на единствената фабрика за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста.

    М. ТАЛЕСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира