Кавадарчанецот А. М. (36) доби ефективна затворска казна бидејќи возел со високо присуство на алкохол во крвта, но и предизвикал сообраќајна незгода. Тој е првиот осуден за вакво дело на подрачјето на Кавадарци, Неготино и Велес.
„Апелациониот суд во Скопје, по поднесена жалба од ОЈО Кавадарци за кривичното дело Безобѕирно управување со моторно возило по чл. 297-а од КЗ, каде возилото е управувано со 3,21 промил алкохол, ја замени паричната казна од 2.000 евра со казна затвор од 6 месеци, а ја потврди мерката за безбедност, забрана за управување возило од Б-категорија од две години. Времето поминато во затвор не се смета во времето за забрана за управување со возило“, информираа од ОЈО Кавадарци.
Лани на 17 декември, како што соопштија од СВР Велес, на крстосницата на улиците Народен фронт и Коле Подлешки во Кавадарци. А. М. со патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки удрил во паркирано патничко возило „сузуки“ со кавадаречки регистарски ознаки. По преземените мерки во врска со незгодата, било констатирано дека А. М. го управувал возилото со 3,21 промил алкохол во крвта.
На 19 октомври, Основниот суд во Неготино донесе две нови пресуди со казнен налог за странски државјани кои пребрзо возеле, двојно повеќе од дозволеното. На В. Ж. и Н. З. од Србија, за сторено кривично дело Безобѕирно управување со моторно возило по член 297-а, став 1 од Кривичниот законик, им е изречена алтернативна мерка, условна осуда со утврдена казна затвор во траење од по три месеци, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од една година по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Изречена им е и парична казна во висина од по 1.000 евра, како и забрана за управување со моторно возило од Б-категорија во траење од по една година на територијата на Македонија, информираа од Основниот суд во Неготино.
Н. З. (36) на делницата од автопатот Демир Капија-Гевгелија управувала „мерцедес“ со српски регистарски таблички со брзина од 169 км/ч на место каде што дозволената брзина е 80 км/ч. В. Ж. (57) со автомобил „ауди“ возел на делницата од автопатот Демир Капија-Гевгелија со 175 км/ч на место каде што е дозволена брзина од 100 км/ч. И двата случаи се регистрирани преку системот „Безбеден град“. Двете лица биле уапсени вечерта на 18 октомври на граничниот премин Табановце.
П. ПЕЧКОВ



