АРХИТЕКТИ ОД ЈАПОНИЈА, САД И ХОЛАНДИЈА ВГОДИНА ЌЕ ЗБОРУВААТ КАКОВ ГРАД Е СКОПЈЕ 60 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС

    АРХИТЕКТИ ОД ЈАПОНИЈА, САД И ХОЛАНДИЈА ВГОДИНА ЌЕ ЗБОРУВААТ КАКОВ ГРАД Е СКОПЈЕ 60 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕСКонференцијата ќе се одржи вгодина, по повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге. (Фото: К. Попов)

    Архитектонскиот факултет ги почна подготовките за одржување на втората меѓународна конференција „Проект Скопје“. Конференцијата ќе се одржи вгодина, по повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге. На неа ќе учествуваат светски архитекти и истражувачи од Јапонија, Холандија, Грција, Италија, Полска и САД. Тие во Скопје ќе разговараат за моќта на солидарноста, светската соработката, архитектурата и изградбата на разурнатите градови и заедници.

    Во 1963 година, проектот за постземјотресната реконструкција и изградбата на Скопје беше одлична можност за светските архитекти од тоа време, на покана на ОН, да создадат навистина светски проект кој ќе ги промовира универзалните хуманистички вредности создадени низ архитектурата. Овој процес беше реализиран низ блиска соработка на врвните архитекти од целиот свет за создавање на светската визија за Скопје“, вели проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет, организаторот на настанот.

    Точно шеесет години после катастрофалниот земјотрес во 1963 година и педест и седум години по изработката и усвојувањето на планот за реконструкција на градот, во Скопје ќе гостуваат со предавања светски познати архитекти научници и истражувачи од врвни светски универзитети, историчари на архитектурата, градежници и инженери.

    Во јуни, 2023 година, после шеесет години, светските архитекти и градители, повторно ќе размислуваат и дискутираат за Скопје, но сега не само како за град кој треба да се обнови, туку како парадигма и модел за соработка во создавањето на праведно општество и одржливи градови, нешто што се покажува како особено важно и во актуелната состојба во светот“, вели деканот Марина.

    Настанот „Проект Скопје“ во организација на Архитектонскиот факултет прв пат се одржа во октомври 2020 година, кога еминентни архитекти од Јапонија, Холандија и САД зборуваа како се развива Скопје 55 години по земјотресот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира