АРСОВСКА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ ВИКТОР ПАНЧЕВСКИ ПО САМО 6 МЕСЕЦИ ОД ИМЕНУВАЊЕТО, НОВ ДИРЕКТОР Е ТОНИ МИНОВСКИ

    АРСОВСКА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКИ „ВОДОВОД“ ВИКТОР ПАНЧЕВСКИ ПО САМО 6 МЕСЕЦИ ОД ИМЕНУВАЊЕТО, НОВ ДИРЕКТОР Е ТОНИ МИНОВСКИРазрешениот Виктор Панчевски (прв од лево), новиот директор Тони Миновски (во средина) и градоначалничката Данела Арсовска. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го разреши од функција досегашниот в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски. Панчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК потври дека е разрешен од функцијата и од денеска не е директорот во јавното претпријатие. Арсовска за нов директор го именува Тони Миновски кој е вработен во претпријатието.

    „Ви благодарам на вниманието и интересот, точно е, со решение од градоначалник на град Скопје именуван сум за в. д. директор на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје“, ни изјави Миновски.

    Панчевски е разрешен по само 6 месеци откако беше поставен на раководната позиција на ова јавно претпријатие. Претходно беше вработен во ЈП „Паркови и зеленило“.

    Миновски е петти директор на „Водовод“ за три години мандат на Арсовска. По доаѓањето на функцијата во октомври 2021, таа го назначи Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, но го разреши по кавгата со лидерот Христијан Мицкоски. На местото на Перински го стави Марјан Митовски, а по неколку месеци го смени и него и го назначи Илиевски, кој претходно беше в. д. директор во Зоолошката градина. Во февруари годинава, Арсовска го разреши и Илиевски, иако три месеци претходно му даде менаџерски договор, и на негово место го постави сега разрешениот Панчевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира