АРСОВСКА И ЈСП СЕ ЗАКАНУВААТ СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ШТРАЈКОТ НА ВОЗАЧИТЕ

    АРСОВСКА И ЈСП СЕ ЗАКАНУВААТ СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ШТРАЈКОТ НА ВОЗАЧИТЕОд утрово, во Скопје нема јавен превоз, првпат во историјата на градот. - Жена чека автобус (Фото: К. Попов)

    Штрајкувачите од ЈСП треба кривично да одговараат, велат и од Кабинетот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и од раководството на јавното претпријатие.

    Од Кабинетот на Арсовска испратија соопштение во кое апелираат до „оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за истите, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл. 35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни“.

    Кривични пријави за организаторите на штрајкот најавија и од раководството на ЈСП Скопје. Тие велат дека „од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП ги спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк“.

    Во соопштението од претпријатието се тврди дека „овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“.

    Од утрово, во Скопје нема јавен превоз. Автобусите на ЈСП Скопје ги нема на улиците бидејќи вработените немаат земено плата за септември, а раководството на претпријатието и на Град Скопје не најде решение.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира