АРСОВСКА ЈА РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КОСАНА МАЗНЕВА

    АРСОВСКА ЈА РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КОСАНА МАЗНЕВАМазнева-Николиќ ни изјави дека за причините за разрешување треба да одговорат од Град Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска ја разреши од функција директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ. Мазнева-Николиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека е разрешена од функцијата, но не знае зошто.

    „Точно е, разрешена сум од функцијата  директорка на претпријатието. За причините зошто сум разрешена треба да одговорат надлежните во Градот кои ги носат одлуките. Не станува збор за мое повлекување, ниту сум побарала да заминам од претпријатието. Напротив, цел овој изминат период напорно работев за подобрување на состојбите и условите за работа на работниците“, ни изјави Мазнева-Николиќ.

    Во претпријатието се појавил новиот в. д. директор Гоце Трајковски, чие назначување за САКАМДАКАЖАМ.МК  потврдија и од Град Скопје.

    Разрешувањето на Мазнева-Николиќ доаѓа три месеци по протестите во „Комунална хигиена“ кога Арсовска ја фалеше дека е храбра жена која се спротивставува на мафијаши. Таа пред четири месеци потпиша менаџерски договор со Град Скопје.

    „Таа направи нешто што мажи не го направиле 30 години. Тука луѓе не оделе на работа со години, земете направете истражување како новинари. Возеле камиони во Германија, а земале плата. Мора да се расчисти со овие работи и со инфлуенсериве од партиите кои се сликаат низ градот, а 30 години го раководеле ова претпријатие“, тогаш на висок тон зборуваше Данела Арсовска и рече дека „на оваа жена треба да ѝ се каже браво“ за начинот на кој се справила со претпријатието со 1.400 вработени.

    Арсовска ја назначи Мазнева-Николиќ за директорка на „Комунална хигиена“ лани во јули кога од функцијата го разреши Енуз Кока од Алијанса за Албанците, откако неговиот брат истрела од пиштол како дел од групата која кај плоштадот Скендербег во Скопје ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. Тој беше активист на Алијанса за Албанците, тогашен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски таа вечер тврдеше дека сакал да го убие.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира