АРСОВСКА КОНЕЧНО ЌЕ ЈА ПРЕДАДЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ДА СЕ ДОПРАВИ

    АРСОВСКА КОНЕЧНО ЌЕ ЈА ПРЕДАДЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ДА СЕ ДОПРАВИНа седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи в четврток по барање на Арсовска ставена е точка за предавање на Универзална сала на Министерството за култура.(Фото: К.Попов)

    Град Скопје ќе ја предаде Универзална сала на Министерството за култура за да се доправи. По две години караници и обвинувања, градоначалничката Данела Арсовска конечно реши да ја предаде концертната сала, која откако таа дојде на функција не се прави. На седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи в четврток по барање на Арсовска ставена е точка за предавање на Универзална сала на Министерството за култура.

    Оваа одлука на Арсовска следни откако на последната седница која се одржа минатиот месец советниците ја изгласаа иницијативата на советничката група на СДСМ, Владата да ја преземе салата, за да може да се доправи.

    „Донираната проектна документација за реконструкција на Универзална сала, во периодот на мандатот на претходниот состав на Советот на Град Скопје не соодветствува со состојба на терен при изведбата. Поради тоа што нема можност да се продолжи со измени во тек на градба, затоа што законот тоа го дозволува само во случај на градба, а не и при реконструкција како во конкретниот проект, во надлежност на Советот на Град Скопје е да ја донесе Одлуката за пренесување на право на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала во Скопје“, стои во образложението на Арсовска.

    Универзална сала е затворена 7 години. Градежните работи за реновирање почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира