АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ЌЕ ПРАВИ СО ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ КОИ СЕ СТАРИ И ЗАГАДУВААТ, ДОГОВОРОТ СО ГРАД СКОПЈЕ ИМ ИСТЕКУВА НА 31 ДЕКЕМВРИ

    АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ЌЕ ПРАВИ СО ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ КОИ СЕ СТАРИ И ЗАГАДУВААТ, ДОГОВОРОТ СО ГРАД СКОПЈЕ ИМ ИСТЕКУВА НА 31 ДЕКЕМВРИАрсовска вети брз, бесплатен и еколошки јавен превоз, но не кажува како во тој концепт се вклопуваат приватните превозници.-Градоначалничката Арсовска со директорот на приватнииот превозник „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.(Фото:Фејсбук)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не кажува што планира да прави со приватните автобуси, кои се стари, често пати неисправни, валкани, нееколошки и допринесуваат за загадувањето во градот.

    Во изборната кампања Арсовска вети брз, бесплатен и еколошки јавен превоз со набавка на 250 нови еко автобуси. Но, во својата програма и предизборни прес-конференции не кажа што планира да прави со приватните превозници, со кои Град Скопје има склучено договор. Од 2016 во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски беше воведен единствен тарифен систем, со што тие станаа дел од јавниот превоз односно од градскиот буџет добиваат по 1 евро за секој изминат километар. Ваквиот договор истекува на 31 декември.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ја побара Арсовска да објасни каков план има за приватните превозници од кои дел деновиве беа исклучени од сообраќај оти МВР во вонредни технички контроли откри дека имале неисправни кочници и уреди за управување. Арсовска не одговори на нашите телофонски повици, ниту смс пораки. Прашања поставивме и електронски, на емаил адресата која ни ја дадоа од нејзиниот кабинет, каде што ни рекоа дека можеме да ги поставуваме сите прашањата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги испрати следниве прашања до градоначалничката Арсовска:

    1. Што планира да преземе градоначалничката Данела Арсовска во врска со приватните превозници, кои возат стари, валкани, небезбедни и нееколошки автобуси? Само изминативе денови 6 возила беа исклучени од сообраќај заради неисправни кочници и уреди за управување, што значи дека скопјани се возат со небезбедни автобуси.
    2. Дали ваквите крш, неисправни и нееколошки автобуси на приватните превозници се вклопуваат во вашиот концепт за брз, еколошки и бесплатен јавен превоз?
    3. Планирате ли да распишете нов оглас за продолжување на договорот со приватните превозници?
    4. Ќе побарате ли приватните превозници да исполнат некои услови бидејќи сега не нудат ниту безбеден, ниту еколошки јавен превоз?

    Одговор на овие прашања од Арсовска, ниту од нејзиниот кабинет не добивме.

    Од понеделникот, голем дел од автобусите на приватните превозници во Скопје не возат бидејќи се испратени на технички преглед. Од 25 автобуси кои биле контролирани, шест се исклучени од сообраќај оти имале неисправни кочници и уред за управување. Како што неофицијално дознаваме дел од приватните превозници самите се исклучиле од сообраќај и не возат откако почнала акцијата на Министерството за внатрешни работи.

    „Во периодот од 22 до 30 ноември, од страна на Одделението за БПС при Секторот за внатрешни работи направени се вонредни технички контроли на автобуси кои вршат јавен превоз на подрачјето на град Скопје. Во наведениот период на технички преглед се упатени вкупно 25 автобуси, а при извршените технички прегледи кај шест автобуси е констатирана техничка неисправност и истите се исклучени од сообраќај. Во однос на констатираните неисправности кај наведените автобуси кај пет автобуси е констатирана техничка неисправност на уредот за запирање, а кај еден автобус е констатирана техничка неисправност на уредот за управување“, рекоа вчера од МВР.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира